Search

Десетина граѓани без документи добија изводи, до крајот на годината сите 540 ќе бидат запишани во матична книга на родени

Во Управата за водење на матични книги на околу 112 лица без документи денеска им се врши дополнување на документацијата за добивање на извод од матична книга на родени, а на десетина од нив им се врачени изводите. До крајот на годината, сите 540 ќе бидат запишани во матична книга на родени, изјави директорот на Управата за водење на матични книги Емир Сулејмани.

Тој додаде дека оваа постапка треба да биде завршена до крајот на 2023 година, со што сите лица без документи – 540 граѓани, ќе бидат запишани во редовна матична книга на родени.

-Повикувајќи се на деценискиот проблем што го имаат одредена група на граѓани, кои имаат елементарни потреби од социјално, здравствено и други услуги, ние како Управа за водење на матични книги пред одредено време формиравме работна група. Задача на работната група беше на поедноставен и поефикасен начин да им излеземе во пресрет на таргетираната група, луѓето кои не се запишани и немаат извод во матична книга на родени, рече денеска Сулејмани.

Како што посочи, со помош на Министерството за правда, невладините организации УНХЦР и ОБСЕ, и Центарот за социјални работи, се изготви изменување и дополнување на Предлог законот, а Собранието ги изгласа измените.

-Во Законот предвидени се преодни и завршни одредби кои што определуваат точни рокови како треба да иде целата постапка и динамика. Ние до крајот на 2023 година оваа постапка треба да ја завршиме и сите лица кои ги има во нашите евиденција треба да бидат запишани во редовна матична книга на родени. Денеска ние спроведуваме акциски план со помош на невладини организации, околу 112 лица вршат дополнување на документација, рече Сулејмани.

Тој упати апел до сите кои претходно се пријавени на јавниот повик, да дојдат во канцелариите на Управата.

-Мислам дека до крајот на годината кога ќе ги завршиме сите работи, ќе бидеме прва држава во Европа која ќе нема нерегистрирани лица, додаде тој.

Адвокатката Маја Ристовска Стојановска, полномошник на лицето Селвет Етемовска, изјави дека благодарение на овие законски измени, за првпат денеска Етемовска ќе добие извод од матична книга на родени и ќе може да ја продолжи постапката пред МВР каде ќе може да добие документи за идентификација.

-Етемовска е родена пред 24 години и до сега нема утврдено идентитет, односно не е запишана во редовната матична книга на родени. Оваа постапка што е поведена и се применува е многу значајна, затоа што таа и слични на неа ќе можат да ги решават своите животни прашања. Во конретниот случај, Селвет не може да склучи брак. Има деца кои што не може да ги запише во изводот на матична книга на родени затоа што таа нема идентитет. Со оваа постапка, решенија кои што се нудат, денеска Селвет ќе добие извод од матична книга на родени и за едното детенце. Се дава простор да може да не се раѓаат нови лица со незапишан идентитет, туку едноставно ова решение да биде од траен карактер, рече Стојановска.

Треба да знаете
Последни објави