Search

Ковачевски: Илинденците и асномците не бегале од одлуки и не се криеле

Ние знаеме дека од Илинден – до денес, ништо не било лесно, затоа што и нема лесен пат до вредна цел, кажа премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето повод 120 години од Илинденското востание во Крушево.

-Но, насоката на илинденците и асномците е јасна, патоказот е пред нас. Илинденците и асномците не се прашувале дали вреди да се продолжи. Не калкулирале со следниот потребен чекор. Не бегале од одлуки и не се криеле. Знаеле и дека во обединувањето е силата – и така и постапувале. Одлуките на илинденците и асномците обврзуваат дека битките се водат, не се напуштаат! Така е добиена битката за слобода. За своја македонска држава. За свој македонски јазик. За признавање на македонскиот идентитет, кажа Ковачевски.
Тој додаде дека интеграцијата, отвореноста, прогресот, заедништвото и соживотот денес се базирани на Илинденското Востание, на Крушевскиот Манифест и на Асномските одлуки.

-Да се биде независен и самостоен, рамо до рамо со европските народи е токму резултат на револуционерната борба. Времето е различно, но принципите и вредностите се исти. И затоа мораме да продолжиме да ја градиме државата на европскиот пат. Ние друга алтернатива немаме и не смееме да имаме. Заради нас самите. Никој не смее да ја украде и измени нашата историја! Бидејќи тоа е невозможно. Никој претходно, а камоли сега, не може да украде, измени или избрише векови и векови создавана и развивана традиција, култура и засебност. На сите негирања однадвор и одвантре, мораме да се спротивставиме со врвно национално чувство, со висока национална самодоверба и гордост, и најважно од сѐ со здраво и разумно обединување околу заедничкото, за универзалните принципи и вредности, смета Ковачевски.
Според него, во исто време, нашата борба мора да продолжи.
-За еднаквоста на граѓаните, за праведноста и правичноста, за општество на доверба, разбирање, сочувство и поддршка, за подобар животен стандард дома, за внатрешната кохезија, за национално и меѓуетничко помирување и почитување, за прогрес, истакна премиерот.

Треба да знаете
Последни објави