Search

Стојанче Ангелов објасни како автоматска порака на телефонот спаси Македонец по сообраќајка

Веста за необичната автоматска порака на англиски јазик која ги алармира институциите дека е загрозен жиотот на маж по тешка сообраќајка кај Велес, го разбуди интересот во јавноста.

Пораката стигнала до Центарот за управување со кризи на телефонскиот број 112 во 4 часот утринава. Операторите го лоцирале телефонот и на местото од каде што била автоматски испратена пораката затекнале маж заглавен во возилото и тешко повреден.

Станува збор за македонски државјанин, кој по пристигнувањето на Итната помош бил однесен во болница во Велес, а потоа, поради сериозноста на повредите е пренесен во Хируршките клиники во Скопје.

За настанот објаснување даде првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов. Објасни дека постојат апликации што граѓаните треба да ги симнат, за во случај на незгода, телефонот да испрати порака дека неговиот сопственик е во животна опасност.

Ангелов објасни дека некои уреди имаат вградени софтвери кои помагаат да се детектираат несреќи. Таков пример, вели Ангелов, е „ајфон 14“ којшто има т.н. „краш детектор“, односно специјален програм како дел од софтверот којшто детектира удар и веднаш по автоматизам врти на бројот 112.

„Ваквиот повик го добиваме во ЦУК. Потоа ние го лоцираме местото од каде што доаѓа повикот. Понатаму ги известуваме полицијата, Итната помош и по потреба пожарникарите“, рече Ангелов.

Впрочем, секој граѓанин со помош на инсталирање на апликации може да биде сигурен дека во случај на опасност, ЦУК, а потоа и екипите на Итната помош ќе бидат автоматски известени. Конкретно „андроидите“ можат да инсталираат Accident detection или Crush detection. Тие програми, како што објасни Ангелов, во случај на несреќа автоматски упатуваат повик кон 112.

Ангелов укажа и на можноста со кој било смарт телефон, со брзо стискање на копчето за вклучување, односно исклучување на телефонот да го добијат бројот 112. Истата опција треба претходно да се намести во сетинзите на апаратот.

„Aко граѓаните немаат можност да се јават на 112, повредени се, имаат итен случај, нападнати се или исплашени, темно е, доволно е панично да стиснат 5-6 пати на копчето за вклучување и да го добијат бројот 112“, рече Ангелов, демонстрирајќи како изгледа тоа.

Додаде дека разговорите се снимаат, а укажа и дека операторите се соочуваат и со злонамерни повици, од луѓе кои без причина ја држат зафатена линијата.

Треба да знаете
Последни објави