Search

Стејт департмент: Инвестициската клима во Србија е умерено подобрена во изминатите години

Инвестициската клима во Србија е умерено подобрена во последните години што е потикнато од макроекономските реформи, финансиската стабилност и фискалната дисциплина, американските инвеститори генерално имаат позитивен став за водење бизнис, иако, како што е наведено, загрижува големото политичко влијание врз економијата, оцени американскиот Стејт департмент во овогодишниот Извештај за инвестициската клима во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

– Скромното подобрување на инвестициската клима во Србија беше поттикнато од макроекономските реформи, финансиската стабилност и фискалната дисциплина, се наведува во документот на Стејт департментот.

Реформите помогнаа за подобрување на деловното опкружување.

– Ако Владата ги исполни ветените реформи за време на процесот на пристапување во Европската унија (ЕУ), деловните можности треба да продолжат да растат. Секторите кои имаат корист вклучуваат земјоделство и агро-преработка, управување со цврст отпад, канализација, заштита на животната средина, информатичка и комуникациска технологија (ИКТ), обновлива енергија, здравствена заштита, рударство и производство, се наведува во извештајот.

Во него се оценува дека привлекувањето странски инвестиции е важен приоритет за владата на Србија.

– Американските инвеститори генерално позитивно се одредија за водење бизнис во Србија поради стратешката локација на земјата, добро образовната работна сила што зборува англиски, како и инвестициските стимулации и договорите за слободна трговија со ЕУ и другите клучни пазари, се наведува во извештајот.

Како што е наведено, сè уште има предизвици во областа на бирократските доцнења, корупцијата и неефикасното правосудство, а загрижува и политичкото влијание врз економијата.

Во 2021 година, САД и Србија потпишаа Договор за поттикнување на инвестициите што овозможи гарантна шема за банкарски кредити на мали и средни претпријатија.

Говорејќи за Косово, во извештајот се наведува дека спорот со Белград и корупцијата се најголемата пречка за привлекување инвестиции.

Сите земји од Западен Балкан сè уште имаат проблеми со корупцијата, која е пречка за директните странски инвестиции, се наведува во извештајот за Инвестициската клима што денеска го објави Стејт департментот. 

Треба да знаете
Последни објави