Search

ЕУ е наш најголем донатор, таа помош ќе се зголеми со членството

Европската Унија е убедливо најголемиот донатор во Западен Балкан, како и во нашата држава, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски на денешната собраниска комисија за уставни прашања.

„Само преку ИПА програмата, досега, во земјава, за модернизација на инфраструктурата и развој се вложени околу една милијарда евра неповратни средства. ИПА 3 програмата е веќе започната и проектираните средства за 2021, 2022 и 2023 година се во вкупен износ од околу 243 милиони евра. Преку ИПАРД 2 програмата имавме на располагање 60 милиони евра, коишто поради најголемата искористеност од 98 проценти, во ИПАРД 3 програмата се зголемени на нови, неповратни 97 милиони евра за модернизација на македонското земјоделство. Поради функционалното партнерство со ЕУ што го имаме, Европската комисија одобри и 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија, откако претходно добивме 160 милиони евра за ублажувањето на економските последици од пандемијата, како и грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза” истакна Ковачевски, додавајќи дека таа поддршка ќе се зголеми откако државата стане членка на Унијата.

„Оваа поддршка ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Европската Унија, затоа што една земја членка на ЕУ, од фондовите на Унијата, добива 11 пати повеќе средства по жител, отколку земјите кандидатки за членство. Можеме да го видиме тоа со напредокот на Романија, Чешка, Словачка, Полска, па и Бугарија” посочи Ковачевски.

Треба да знаете
Последни објави