Концерт на „Френк Дупре Трио“ и изложба на фотографии на Александар Томовски денеска на „Охридско лето“

Програмската шема на фестивалот „Охридско лето“ за денеска предвидува две интересни содржини, и тоа изложба на фотографии на Александар Томовски и концерт на германското трио „Франк Дупре“.

За пијанистот Френк Дупре,  контрабасистот Јакоб Круп и тапанарот Оби Јене се вели дека се уметници полни со љубопитност и виртуозност, кои со леснотија и изразена емпатија лесно успеваат да ги надминат наводните жанровски граници.

Франк Дупре е музичар со бескраен хоризонт, градител на мост помеѓу класичната музика и џезот, и затоа е еден од најперспективните исклучителни уметници на својата генерација. Уште од многу мала возраст, Франк Дупре се интересирал за музика од многу различни стилови и жанрови и ја гледал од различни агли: како џез-тапанар, класичен пијанист со голем интерес за модерната музика и последно, но не и најмалку важно, како диригент. Тој се посветил на класичниот репертоар за пијано и ја оформил својата меѓународна кариера како концертен пијанист. Во 2014 година победува и станува лауреат на германскиот музички натпревар, во 2018 година ја освојува наградата OPUS KLASSIK во категоријата Концертна изведба на годината (20/21 век), а во 2022 година се закитува со наградата ICMA (Меѓународната награда за класична музика) за неговата изведба на четвртиот концерт за пијано  од Николај Капустин.

Франк Дупре и тапанарот Мајнхард „Оби“ Јене со голем успех работат заедно на бројни проекти уште од 2009 година. Од 2020 година високо талентираниот контрабасист Јакоб Круп го комплетира ансамблот. Тројцата музичари го привлекуваат меѓународното внимание во јануари 2022 година со нивниот деби-албум Blueprint (Capriccio), посветен на композиторот Николај Капустин. Албумот ги надминува сите очекувања и станува албум на неделата на РББ култур (радио посветено на културата) и влезе во листата на Њујорк Тајмс за пет препорачани албуми на месецот.

На албумот „Salted Caramel“ (Berlin Classics) што исто така беше издаден во 2022 година, Триото заедно со трубачот Симон Хофеле и Квартетот Голдмунд, ги комбинираат класичните дела со џез стандардите.

Ангажманите во „Елб Филхармонијата“ во Хамбург, на Џез  фестивалот во Бон, на  „Курт-Веил“ фестивалот во Десау, концертните турнеи во Швајцарија и Лихтенштајн, како и проектите со оркестри како што е Штутгартската  филхармонија сведочат за меѓународниот интерес за  проектите на Триото на Франк Дупре. Репертоарот опфаќа музички дијапазон од Бах до Бетовен, Дебиси, Равел па сѐ до песните на Курт Веил и Леонард Бернштајн. Џез стандардите на музичките икони како што е Дјук Елингтон се исто така на репертоарот на триото како и виртуозните и повеќеслојни дела на Николај Капустин.

Втората содржина за денеска е изложбата на фотографии насловена „Над кулисите“ (Above the curtains), колекција фотографии на Александар Томовски која во континуитетот го следи авторот и неговите фасцинации од сцената на Националната опера и балет. Фотографиите на Томовски овојпат доближуваат до балетот и балерините. Преку нив се презентира оперската и балетската дејност што се создава во рамките на Националната опера и балет, а преку „Над кулисите“ од несекојдневна „птичја“ гледна точка се пренесува сцената и уметниците на неа. 

Александар Томовски е роден 1985 година во Скопје – софтверски инженер преку ден, фотограф и филмаџија во останатото време.

Неговата љубов кон фотографијата се буди во природата и планинските височини, па се симнува и расте низ градските улици и се доближува до секојдневието на луѓето, за постепено да се насочи во доловување на суштината на жената, која низ вековите ја дефинира уметноста и претставува вечна инспирација за уметниците. Можеби тука некаде го пронаоѓаат своето место и балетот и балерините, со сета елеганција и грациозност којашто ја поседуваат, но и експресиите преку глумата, танцот, костимите…

Низ годините учествува на престижни меѓународни натпревари и групни изложби во истакнати галерии, стекнувајки се со бројни златни, сребрени, бронзени медали, почесни награди, дипломи, признанија…

На натпревари под патронат на престижните FIAP, PSA итн. се среќава и како член на жири комисијата, а за прв пат како претставник од С. Македонија е поканет и во жирито на годишните награди на рускиот интернационален натпревар 35Awards.

Од септември 2022 се стекнува и со престижното звање: Кандидат – мајстор на фотографија при Националната Фото унија на Македонија и прогласен во топ 5 најуспешни излагачи на фотографија за 2022 и 2023 година. Томовски, моментално е во формално исчекување за доделување на титула Мајстор на фотографија.

Во 2022 година ја отвори својата прва самостојна изложба насловена: „Над кулисите“, во Младински културен центар – Скопје, а во мај, оваа  2023 во фоајето на Националната опера и балет се претстави со изложбата „1001 приказна“ во рамки на фестивалот „Мајски оперски вечери“. 

Изложбата ќе биде отворена во 19:30 часот во Предворјето на „Света Софија“, каде ќе се одржи и концертот на „Френк Дупре Трио“ од 21 часот.

Треба да знаете
Последни објави