Search

Нишкиот камерен оркестар „Кончертанте“ вечерва на „Охридско лето“

На програмата на Фестивалот „Охридско лето“ денеска е концертот на камерниот оркестар „Кончертанте“ што функционира во рамките на Факултетот за уметности во Ниш.

Камерниот оркестар „Кончертанте“ е репрезентативен ансамбл што го сочинуваат најдобрите студенти на Факултетот за уметности. Од досегашната богата концертна активност се издвојуваат десетици целовечерни концерти во регионот, како и гостувања на фестивали во Грција и Италија и на Гитарскиот фестивал „Наисус“ во Ниш во 2011 година.

Во 2012 година оркестарот е прогласен за лауреат на фестивалот „Еуро оркестар“ што се одржува во Москва.  „Кончертанте“ настапува на фестивалот НИМУС во 2012, 2014 и 2015 година, како и на Фестивалот „Бољшој“ во Мокра Гора во 2014 година. Овој оркестар ја снима музиката за филмовите „Жена во црвено“ и „Тајната градина“ на данскиот композитор Фредрик Магле. Своето прво цеде „Vivamus Musica” оркестарот го промовира во 2018, а во 2020 година на онлајн светскиот натпреварот на оркестри во Виена се закити со сребрен медал. Диригент на оркестарот е проф. Милена Ињац, а асистент е Иван Дјачиќ.

Милена Ињац е диригент, редовен професор и декан на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. Докторира диригирање на ФМУ во Белград во класата на проф. Емеритус Даринка Матиќ-Маровиќ, а се усовршува на мајсторски курсеви кај Јорма Панула, Петер Етвош, Младен Јагушт, Ангел Шурев и Салавадор Мас Кондо во Виена.

На натпреварот „Свет на музиката“ во Италија освојува прва награда диригирајќи со Нишкиот симфониски оркестар. Настапувала со Белградската филхармонија, со операта во Белград, со НОБ во Скопје, со Симфонискиот оркестар на РТС, со оркестарот „Станислав Бинички“, со Филхармонијата на Р. Северна Македонија, Нишкиот симфониски оркестар, Црногорскиот симфониски оркестар, со хорот и оркестарот на Софиската филхармонија, како и со оркестрите во Видин и Шумен во Бугарија. Милена Ињац била диригент на оркестарот на фестивалот во Мурсија, а постојан диригент е на Нишкиот симфониски оркестар чиј уметнички раководител била во периодот од  1999-2003 година, и раководител е на окрестарот „Кончертанте“.  Ињац е селектор и уметнички директор на Интернационалните хорски свечености во Ниш.

Родена во Ниш, виолинистката Марија Рајковиќ образованието го започнува на петгодишна возраст во Школата за музички таленти во Ќуприја во класата на Драгољуб Јовановиќ, а на ФМУ во Белград студира и дипломира во класата на проф. Јован Колунџија. Магистрира во класата на проф. Дејан Михаиловиќ, а за време на школувањето и студиите е добитник на бројни награди и стипендии.

Како солист со оркестар  првпат настапува на 11-годишна возраст, а потоа следат настапи во земјите на поранешна Југославија и во Европа. Како оркестарски музичар во сезоната 1993/94 била заменик концерт-мајстор на Националниот оркестар на РТ3 во Грција. Рајковиќ е една од основачите на Меѓународниот колегиум на уметници „Страд“ со седиште во Ниш. Таа е вонреден професор на катедрата по виолина на Факултетот за уметности во Ниш.

Јован Богосављевиќ (1980) започнува да учи виолина со неговиот татко Драгутин Богосављевиќ и со проф. Татјана Олујиќ на ФМУ во Белград, а магистрира во класата на прочуениот педагог и виолинист Игор Ојстрах на Кралскиот конзерваториум во Брисел. За време на студиите во Брисел, тој бил концерт-мајстор на студентскиот симфониски оркестар како и на ансамблот за современа музика.

Добитник е на бројни награди и признанија во Србија и надвор од неа, а една од најзначајните е наградата за Најдобар млад уметник која ја доделува Здружението на музички уметници на Србија. Како солист настапува со реномирани оркестри и диригенти во Србија, сите земји на поранешна Југославија како и во Кина, Јапонија, Аргентина, Полска, Унгарија, Турција, Грција, Данска, Шведска, Финска, Италија, Германија, Австрија, Франција, Швајцарија, Чешка и Обединети Арапски Емирати. Соработува со етаблирани партнери при изведбата на рецитали како на пример: со пијанистот Александар Сердар и гитаристот Санел Реџиќ, а од 2019 редовно одржува рецитали со бугарскиот пијанист Људмил Ангелов.

Од 2009 година соработува како солист и како гостин со наградуваниот квартет „Басиона Амороса“ од Минхен, а бил и долгогодишен член на танго-квинтетот „Белтанго“. Неговите признанија ги вклучуваат и наградата за „Уметник на годината“ која во 2006 му ја доделува Министерството за култура на Р. Србија, и „Изведувач на годината“ во 2012 доделена од страна на здружението „Музика класика“. Јован Богосављевиќ е редовен професор  на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш.

На програмата на вечерашниот концерт се дела на Пјацола, Андовска, Гардел, Богосавлјевиќ. Почетокот на концертот е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот, на сцената во катедралната црква „Света Софија“.

Треба да знаете
Последни објави