Search

ВМРО-ДПМНЕ повика Обвинителството да отвори постапка против Груби за прикривање на имот

Јавното обвинителство да отвори постапка за прикривање на имот, потенцијално даночно затајување и злоупотреба на службената положба и овластување против првиот вицепремиер Артан Груби. Ова денеска го соопшти опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако во скопската населба Чаир вчера беше запален автомобил за кој првиот вицепремиер Артан Груби кажа дека е во сопственост на негов пријател, но не демантираше дека приватно го користел и тој. Од партијата прашуваат зошто вицепремиерот не го пријавил автомобилот во својот анкетен лист – автомобил кој, како што додаваат, дел од министрите потврдија дека е на Груби.

„Бујар Османи, Крешник Бектеши и другите министри од владата потврдија дека запалениот автомобил е возило на Груби. Според евиденцијата која ја објавија медиумите, автомобилот е во посед на друго лице за кое Груби вели дека му е пријател. Кој е тој пријател на Груби кој купил ‘ауди А6’ вредно 80 000 евра и наместо да го вози сам, му го дал на Артан Груби да го вози и управува со него како со свое возило“,велат од ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение.

Опозициската партија повика на реакција и од Државната комиисја за спречување на корупцијата (ДКСК), повикувајќи ја да каже дали првиот вицепремиер е еден од функционерите кои имаат свој имот запишан на име на други лица за кои, како што додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, говореше првата антикорупционерка Билјана Ивановска.

Во врска со опожареното „ауди“ во скопски Чаир, за кое во полицискиот билтен беше објавено дека е во сопственост на извесен Б.Л., вчера се огласи првиот вицепремиер Артан Груби.

Откако дел од медиумите го поврзаа опожареното возило со вицепремиерот, Груби не демантираше дека приватно го користел возилото иако тоа се води на име на друго лице. Во реакцијата која ја објави на Фејсбук, Груби вели дека станува збор за негов пријател. Вицепремиерот признава и дека инцидентот е порака до него. 

Со оглед на тоа што „аудито“ е во сопственост на извесен Б.Л., а Груби го користел, нејасно е каков аранжман Груби со, како што го нарекува, пријателот за користење на автомобилот.

Треба да знаете
Последни објави