Search

Битиќи на „Остави трага“ во Дојран: Чинот на давање шанса може да промени живот

Чинот на давање шанса може да промени живот, како што го промени мојот. Таа шанса може да запали искра која ќе доведе до личен раст, зголемена самодоверба и рушење на бариери кои веројатно не ни знаеме дека постојат. Сите нив ги врзува една нишка – тоа е шанса – шанса дадена и шанса одземена, само поради тоа што сум, тој кој што сум. 

Ова го  порача вицепремеирот за економски прашања Фатмир Битиќи на панел дискусијата на мултимедијалниот настан „Дојди раскажи ја својата приказна – Остави трага“, што денеска се одржа во Дојран, кој се однесува на млади лица, а го спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи заедно со Министерството за труд и социјална политика со поддршка на проектот „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“ за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа.  

-Ќе се обидам да почнам хронолошки и за жал првата приказна која сакам да ја споделам со вас, не е позитивна, а јас бев многу млад. Имав само 14 години и сакав да бидам пилот, стигнав до крајниот избор во кои можеа да се изберат само тројца кандидати. Беа избрани тројца кандидати Македонци, јас не бев во изборот, затоа што местото за Албанец беше за Албанец од Косово а јас бев Албанец од Македонија. 

Тогаш почнав да ја разбирам неправдата и лутината која ја носи. Затоа што знаев тогаш исто како што знам и сега, дека ќе бев одличен пилот. Неправдите како оваа можат да се најдат на вашиот пат, оставајќи ве изгубени и обесхрабрени, но во овие моменти на очај, се тестира нашиот вистински карактер, рече Битиќи. 

Следната приказна, додаде, е 10 години подоцна, на 24 години, кога бев на интервју за моите прво вработување. Мојот македонски не беше во одлична форма, бидејќи студирав во Тирана. Но, сепак комисијата, гледајќи повеќе и подлабоко од само мојата корица на лош македонски јазик, ми даде шанса и јас за првпат се вработив. 

-Така јас, никогаш не помислував дека ќе бидам вицепремиер за економски прашања во оваа Влада а потоа и потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз. Потекнувам од скромно семејство во кое нема политичари. Никогаш не сум бил дел од политичка партија, иако секогаш сум бил вклучен во општествени и процеси на промена… Велат, среќа е кога подготовка и напорна работа ќе сретнат вистинска шанса. Таква беше шансата која Зоран Заев ми ја даде во 2018 година да станам негов советник за економски прашања, имав 43 години. Две години подоцна станав вицепремиер и потпретседател на партија. Триесет години подоцна од моето прво големо разочарување на 14 години, тоа што бев Албанец не ме направи исклучен, туку вклучен, посочи Битиќи. 

Сакам да запомните, порача, дека соочени со разочарување, потешкотии и неправди, ја имате моќта да истраете и да се приспособите. Нашата издржливост е перипетална сила што може да не придвижи напред дури и во најтемните времиња. Кога се чини дека шансите ни се лизгаат низ прсти, не смееме да подлегнеме на очајот, туку наместо тоа да се издигнеме над ситуацијата. 

-Ова можеме да го учиме од жените. Историски гледано, општествата не секогаш биле правични кон жените, па така шансите за образование, напредување во кариерата и еднакви можности биле неправедно ускратени или ограничени врз основа на род, оставајќи ги да се чувствуваат маргинализирани и обесхрабрени. Родовата дискриминација и стереотипите го попречуваат напредокот на жените и го ограничуваат нивниот пристап до можности, овековечувајќи циклус на нееднаквост. Но и покрај тоа што се соочуваат со бројни бариери, жените постојано ја демонстрираат моќта да истраат и да се прилагодуваат. Тие ги скршија стаклените тавани, им пркосат на општествените очекувања и ги трансформираат неуспесите во можности за раст и зајакнување, посочи вицепремиерот.

Токму прифаќањето на неуспесите како можности и потенцијални шанси за раст, нагласи, отвора пат за нови почетоци. 

-Само со предизвикување на општествените норми и обезбедување еднаков пристап до образование, вработување и можности за лидерство, можеме да создадеме свет каде шансите не се одземаат врз основа на полот, годините, етничка или национална припадност, туку се даваат подеднакво на сите, базирано на нивните автентични потенцијали и капацитети. Вакви шанси ни се потребни, на сите, секаде. Затоа и кога ќе дојде ваш ред, не заборавајте да ја дадете, рече Битиќи.

Серијата јавни настани која е насловена „Дојди и раскажи ја својата приказна – Остави трага“ ја спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи во соработка со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“.

Треба да знаете
Последни објави