Search

Шанса за Центар: Вметнати нови објекти во ДУП за Стара железничка станица

Нова висококатница на паркингот кај Рамстор во висина од 23 метри на „шверцерски“ начин е протната во новиот ДУП што заеднички го изгласаа советниците на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ на денешната седница на Советот на општина Центар. Но, и новиот објект на КАМ на спротивниот крај на улицата расте од 16 на 23 метри… се вели во соопштението на граѓанската иницијатива Шанса за Центар и додаваат: 

-Вака предложените измени на ДУП-от за потегот кај старата железничка Станица  се спротивни од планот даден на јавна расправа и спротивно на ГУП-от, а базирани на одлуки од нова и попустлива Комисија формирана 2022 која одлучила поинаку од Комисијата во 2020 на барањата по Јавната анкета. 

Иронијата да биде поголема, во документот кој се однесува на Заштита и спасување од урнатини, се вели дека објектите се високи 10,3м; планерката вели дека се 21м, а во измените на планот изгласани вчера се вцртани објекти со висина од 23м. 

Веруваме дека не се работи за превид или техничка грешка, туку намерна конфузија за да се отвори простор за профитерите-моќници кои очигледно имаат поддршка од оние кои треба да носат одлуки во корист на жителите на општината и заедницата.

На овој начин, политичко-профитерската спрега вметна нови 15.000 м2 површина во планот. Резултатот ќе биде концентрација на моќ и заработка кај малкумина, а на штета на градот и неговите жители.

Планот поминал со позитивно мислење од Дирекција за заштита и спасување и од Министерство за транспорт и врски, очигледно со затворени очи. 

Шанса за Центар заклучува дека одговорноста во овој систем не постои, а човечкиот живот губи вредност секој миг.

Намерата со изработката на овој план беше да се реши само потребата на жителите на ќошот од просторот кон Водњанска. И барањата од НА ТОЧАК – ЗДРУЖЕНИЕ ЗА УРБАН ВЕЛОСИПЕДИЗАМ за континуирана велосипедска мрежа во овој опфат не се прифаќаат. Но, инвеститорскиот урбанизам победи и со интервенции од повисоко, се задоволи алчноста на малкумина. Вкупно нови 15.000 м2 површина се најдоа во планот, во превод, многу милиони евра квадрати деловен и станбен простор.

Бројот на жители во оваа четврт според ГУП е 1000 жители, но само со постојните објекти овој број е многукратно надминат. 

Лекциите не ги научивме, па наместо град по мерка на човекот, секој ден сведочиме на институционална заштита на поединечни интереси наспроти јавниот интерес, кои ги остава Скопјани со уште еден ризик и нови бетонски чудовишта.

Шанса за Центар ќе ги искористи сите правни и административни механизми на располагање за да ја спречи реализацијата на овие измени за кои, пред јавноста лутите политички противници СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, очигледно нашле заеднички јазик.

Треба да знаете
Последни објави