Search

Србија во последнава деценија купила 25 тони злато, Македонија резервите ги зголеми за 70 килограми

Во регионов, Србија е земја која располага со најмногу монетарно злато – 38,5 тони. Веднаш зад неа е Македонија со резерви од 6,9 тони монетарно злато. Словенија има 3,2 тони, Хрватска нема ниту грам бидејќи го има продадено своето монетарно злато, БИХ има исто така продавано и денес има 1,5 тони, а Црна Гора има околу 1 тон.

Земјите од поранешна Југославија најголем дел од своите резерви монетарно злато ги добија по распадот на Југославија и спроведениот процес на сукцесија кога меѓу државите кои настанаа по раздружувањето се поделија 54,5 тони злато со кои располагаше СФРЈ. Најмногу злато доби Србија – 16,8 тони и Хрватска – 15,5 тони. Дел од државите го продадоа ова злато, кај некои со години не се менуваат количините, а единствена која го зголемува своето монетарно злато е Србија.

Според податоците на Светскиот совет за злато (World Gold Council) за резервите на монетарно злато по земји од 2011 година, Србија тогаш имала 13,9 тони, што значи дека имала продадено 3 тони од златото што го добила од поранешна СФРЈ. Но затоа во следните години продолжила да ги зголемува своите резерви и за 10 години купила речиси 25 тони злато. Дел од златото, односно 5,74 тони, го има откупено од рудникот Бор за кој во 2018 година склучи договор за стратешко партнерство со  кинески инвеститор кој презеде 63 отсто од сопственоста на поранешната РТБ Бор. Новата компанија целото количество произведено злато, во согласност со српските закони, мора прво да го понуди на Народната банка на Србија која секоја година и го откупува и со тоа златото останува во Србија.

Нашата земја, пак, е на истите резерви злато од 2005 година. Единствена промена беше направена во 2016 година, кога резервите се зголемија за околу 70 килограми добиени со топење на златни монети и запленето злато во полициските и царинските акции.

Нашта земја инаку, исто како и северниот сосед, располага со рудник кој произведува злато, а тоа е Бучим од Радовиш. Според последниот достапен извештај на рудникот од 2020 година, Бучим има произведено 28.484 тони сув бакар концентрат, што содржи 5.903 тони бакар, 448 кг злато, 862 кг сребро и 722 тони катоден бакар. И во Македонја постои законска регулатива според која Народна банка може да ги зголемува количините златни резерви, но тоа не се прави.

-Тековно, учеството на злато во девизните резерви на државата се оценува како оптимално, кое соодветствува на просечната застапеност на злато во девизните резерви во меѓународни рамки, велат од НМРБ како одговор на прашањето за можноста за зголемувње на монетарното злато во државните резерви.

Во светски рамки, најмногу злато имаат САД -8133 тони, следи Германија со 3.355 тони, а Франција и Италија имаат по околу 2.500 тони. Кај овие земји во изминатава деценија не е направена никаква промена во количините. Но кај нив резервите на злато претставуваат над 60% од вкупните државни резерви. Но затоа Кина и Русија масовно купуваа злато во изминатава деценија. Кина своите резерви од нешто над 1.000 тони во 2011 година ги зголеми на 2090 тони, а Русија од 841 тон пред една деценија сега има 2.329 тони.Турција во овој период има купено над 300 тони злато.

Според последниот извештај Светскиот совет за злато за мај осум централни банки ги зголемија своите официјални златни резерви , предводени од Полска (19 тони), Кина (16 т), Сингапур (4 т), Русија (3 т), Ирак (2 т), Индија (2 т), Чешка (2 т) и Република Киргистан (2 т). (З.П.)

Треба да знаете
Последни објави