Search

Одбележан Денот на жените во дипломатијата

Заменик министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки, заедно со канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, организираа настан по повод Денот на жените во дипломатијата. 

ЗМНР Исаки во својот говор истакна дека бројот на жените во дипломатијата или на жените на лидерски позиции, не е задоволувачка.

“Нe треба да молчиме, ниту да се задоволуваме со сите отстапки во овој домен, кои се повеќе на линијата на политичка коректност отколку суштинска промена на реалноста. Мора да реагираме на стереотипите и дискриминацијата. И уште повеќе: да се бориме за суштинска и одржлива рамноправност. Одејќи по својот пат, покажуваме иницијатива, одговорност и лидерство, истакнувајќи се во својата област”, рече ЗМНР Исаки.

Заменик министерката се осврна и на нејзиното лично искуство како жена во дипломатијата. “Од 2020 година, откако сум назначена на функцијата ЗМНР, можам да потврдам дека сум имала искуство да запознам и да работам со исклучително способни, надарени и професионални жени дипломатки, кои се максимално посветени и неуморно работат на промовирање на државата и спроведување на надворешната политика. Тие дадоа активен придонес оваа држава да стане земја членка на НАТО, кандидат за членство во ЕУ и угледен член на меѓународната заедница. Тие се инспирација и за мене, и токму поради тоа донесов одлука, како ЗМНР, лично да се ангажирам на подобрување на состојбата во овој домен и да го промовирам значењето и придонесот на жените во дипломатијата”, рече Исаки, додавајќи дека ќе продолжи да се залага за еднаквост на жените во дипломатијата со уверение дека жените се динамични лидери на промените и нивното учество е фундаментално за демократското владеење.

“Дипломатијата е како лична карта за една земја. Во глобални рамки мажите доминираат во надворешната политика, што значи дека 50% од населението, односно жените, немаат глас кога се носат одлуки. Сите ние треба да допринесеме кон одржливи промени и постигнување на еднаквост и рамноправност помеѓу мажите и жените,  во сите сфери на животот, и во дипломатијата.  Ние, во UN Women, се гордееме со работата што ја работиме секој ден за унапредување на положбата на сите жените и девојчиња во земјава, и го поздравуваме партнерството со МНР; продолжуваме заеднички, посветено да работиме на ова поле,” истакна раководителката на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија, Весна Ивановиќ-Кастаред.

За придонесот на жените во дипломатијата во панел дискусијата свои обраќања имаа и државниот секретар во Министерството за надворешни работи, Филип Тосевски, амбасадорката на Северна Македонија во Република Косово, Шпреса Јусуфи, директорот на директоратот за мултилатерални односи во МНР, Пајо Авировиќ, директорката за НАТО, Катерина Ставревска и државната секретарка во Секретаријатот за европски прашања Дрита Абдиу – Халили.

На иницијатива на ЗМНР Фатмире Исаки, во 2021 година, МНР ја организираше првата Конференција за Жените во Дипломатијата, каде што истакнати домашни и странски панелистки имаа можност да информираат за својот пат во дипломатијата како и тешкотиите со кои се соочиле. 

Треба да знаете
Последни објави