Search

Алишан: Не беа изгласани закони кои ни се важни, лицата со попреченост се разочарани и од власта и од опозицијата

Повеќе од 90 000 лица со попреченост не добија зголемен додаток за попреченост од 6 000 денари, ниту пак двојно зголемување на личната асистенција. Пратениците како што денеска информираа од здружението коалиција „Mенуваме“ и партијата Левица не ги изгласале законот за детска, социјална заштита и законот за асистенти.

На денешната конференција одржана пред Собрнието на Република Северна Македонија координаторот на коалицијата „Менуваме“ Суаред Алишан изрази разочарaност од власта и опозицијата за кои оцени дека ги гледаат само нивните лични интереси.

-Повторно државата покажа едно непочирување кон правата на лицата со попреченост, државата покажа егзекуција на нашите здравствени права кои треба да ги оствариме и затоа оваа држава можам да кажам дека вреди онолку колку што се грижи за лицата со попреченост. Можеби ние сме со попреченост, но се виде дека тие имаат посебни потреби, пратениците имаат 78 проценти покачување на нивните плати, а кај нас закон донесен во 2013 година со додаток за попреченост кој беше седум илјади денари, изјави Суаред Алишан.

Тој изрази разочарување и во опозицијата.

-Ние сме разочарани и од власта и од опозицијата. Го прашувам господинот Мицкоски зошто не беа дојдени неговите пратеници да ги гласаат законите, гледаме Мицкоски постојано бара некаква отчетност, зошто не бара отчет од неовите пратеници што не си ги извршуваат обврските, посочи Алишан.

Упати благодарност до Левица за поддршката, но и до албанските партии за кои рече дека си го одржале зборот и гласале.

Координаторот коалицијата „Менуваме“ најави семасовен протест на денот кога ќе се одржуваат уставните промени со паролата „Да за социјална правда, не за уставни промени“. 

Треба да знаете
Последни објави