Search

Обвинителството ја прекина соработката со Антикорупциска !

Јавното обвинителство и официјално преку соопштение денеска информира дека ја прекинува соработката со Антикорупциската комисија.

-Поради еднострано целосно непочитување на потпишаниот Меморандум за соработка, а особено прекршување на членовите 2, 3 и 6, Јавното обвинителство ги замрзнува сите активности предвидени и кои произлегуваат од тој меморандум, се вели меѓу другото во соопштението од Обвинителство.

Согласно овој меморандум двете институции требаше да се координираат, соработуваат,  преставките од антикорупциска да се третираат со приоритет и слично, а се со цел ефективно и брзо справување со корупцијата во земјава.

Во иднина преставките од Антикорупциска ќе се третираат како и сите останати поднесени од граѓани.

Од антикорупциска пак возвраќаа дека и до сега таа кординација и итност не функционирала беспрекорно. Обвинителството и официјално оформи комисија која ја чешла работата на обвинителите, за да се види дали некој не постапувал согласно законот и роковите и зошто овие пријави се уште не се процесуирани.

Причина за прекинувањето на соработката според обвинителството е непотребната иницијатива на Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со конфискацијата на имотот во предметот „Труст“.

-Иако Јавното обвинителство ќе ја прими иницијативата како и секоја друга претставка, крајно е нецелисходно ДКСК да поднесува иницијативи за кривично гонење за предмети во кои обвинителството веќе постапува. Во рамките на тој предмет обезбедена е целокупната документација, вербални и материјални докази и надлежниот јавен обвинител е пред донесување на јавнообвинителска одлука . Доколку крајната цел не е обид да се влијае на исходот од постапката, неразбирливо и крајно неодговорно е Комисијата да поднесува иницијатива за кривично гонење во оваа фаза. Апелираме Државната комисија за спречување на корупцијата да се држи до своите законски надлежности и да не нанесува штета на постапките кои се во тек. Јавното обвинителство како единствен орган надлежен за кривичен прогон нема да дозволи и остро ќе се спротивстави на секој обид да се влијае врз постапките, се вели во соопштението од Обвинителство.

И од Државната комисија за спречување на корупцијата најавија дека во текот на денот ќе се огласат со соопштение, како одговор на обвинителството.

Треба да знаете
Последни објави