Search

ИЈЗ констатира квалитетна вода за капење во Охридското Eзеро, иако се нотирани испуштања на фекалии по должината на крајбрежјето

Институтот за јавно здравје во извештај за следење на квалитетот и безбедноста на површинските води за капење во Охридското Езеро објави дека приватните куќи по должината на целото крајбрежје, како и во селските населби, користат септички јами за комунални отпадни води, кои се празнат на јавните комунални локации, но тоа не влијае на квалитетот на водата во езерото.

Како што се наведува, во село Радожда септичките јами од куќите или директно се влеваат во езерото или, бидејќи се наоѓаат на самиот брег на плажата, тонат во езерото и затоа се негови директни загадувачи.

По извршените теренски увиди и добиените лабораториски анализи на примероците од водата во Охридското Езеро земена во период од 1.1.2023 година до 28.6.2023 година истата ги исполнува законските барања во однос на физичко – хемиската анализа и се класифицира во I и II класа. Во извештајот се додава дека хотелот „Десарет“, автокамповите „Градиште“, „Љубаниште“ и „Ливадиште“, ресторанот „Острово“ и други угостителски објекти во населбата Свети Наум, како и туристички населените места од Струга до Радожда, се приклучени на фекална канализација, која е изградена во 2013 година, но не работи.

Се додава дека има само дробилка за фекална материја, но нема филтер и не се врши хлорирање на отпадните води пред испуштање во езерото, што е директен загадувач на езерото.

И покрај ваквата состојба, и  катастрофалното и неодговорно однесување кон едно од најстарите и најубави езера во светот површинските води од Охридското Езеро на плажите се во прва и втора класа, и можат да се користат за капење и рекреација. Според Институтот ова се должи на  големиот број  извори, постојаното струење на вода, големата водена маса која има способност за самопречистување. Единствените хотели на овој потег поврзани со колекторскиот систем се „Макпетрол“ и „Бисер“, се вели во извештајот.

Како потенцијални загадувачи се споменуваат и шанковите поставени на самиот брег на Охридското Езеро, односно на самите плажи.

Треба да знаете
Последни објави