Search

Страшни поплави на североистокот на САД, топлотен бран од Калифорнија до Флорида

Поплавената Нова Англија се подготвува за повеќе врнежи, а државниот метеоролошки центар предупреди дека четвртина од американското население ќе биде изложено на екстремна топлина.

Делови од Нова Англија и области долж средината на Атлантикот ќе бидат погодени од силни дождови. Невремето меѓу другите се очекува во Њујорк, Бостон и Филаделфија.

„Со оглед на тоа што почвата е силно натопена од дождовите во изминатите десет дена, ќе има поволни услови за поројни поплави“, предупредуваат од центарот.

Гувернерката на Њујорк Кети Хочул ги повика жителите да го одложат патувањето додека не помине дождот, бидејќи автомобилите може да бидат однесени од надојдените води.

Од метеоролошкиот центар најавија и можност за торнада и одрони.

Најмалку четири лица загинаа во саботата во поплавите во дел од градот Апер Макефилд во Пенсилванија, на околу 30 километри од Филаделфија, соопшти локалната полиција. Спасувачите се уште трагаат по три исчезнати лица – деветмесечно момче, неговата двегодишна сестра и возрасна жена.

Поројни поплави беснеат последниве денови на североистокот на земјата, особено во Вермонт, чиј главен град Монпеље е катастрофално поплавен, а за понеделник е најавен нов аларм.

Надвор од таа област, синоптичарите предупредија на силен дожд во делови од централниот дел на САД и долината Мисисипи, и во источен Тексас, делови од Арканзас и Луизијана и делови од Заливскиот брег.

Аларм за големи жештини е издаден за пацифички северозапад и Калифорнија, преку Средниот Запад и во Флорида. Во некои области, како Невада и Аризона, се очекуваат температури и до 46 степени.

Вкупно околу 80 милиони луѓе ќе бидат изложени на топлотниот бран, соопштија од центарот.

Треба да знаете
Последни објави