Search

Северна Кореја, во редок настап пред ОН, го бранеше лансирањето на ракетата

Постојаниот претставник на Северна Кореја во Обединетите нации, Ким Сон, изјави дека со лансирање на интерконтиненталната балистичка ракета, Пјонгјанг го искористил своето право на самоодбрана за да ги „спречи опасните воени дејствија на непријателските сили и да ја обезбеди безбедноста на државата“.

Советот за безбедност на ОН се состана откако Северна Кореја соопшти дека во средата ја тестирала својата најнова интерконтинентална балистичка ракета „Хвасонг-18“, која ја опиша како „рбетот на севернокорејската нуклеарна ударна сила“.

„Категорично го отфрламе и го осудуваме свикувањето на седницата на Советот за безбедност од страна на Соединетите Американски Држави и нивните следбеници“, рече севернокорејскиот амбасадор во ОН Ким Сонг во реткиот настап на земјата во Советот.

Северна Кореја последен пат на состанок на Советот зборуваше за нејзината нуклеарна и балистичка ракетна програма во декември 2017 година.

Северна Кореја е под санкции на ОН поради нејзината ракетна и нуклеарна програма од 2006 година. Тие вклучуваат забрана за развој на балистички ракети.

Во изминатите неколку години, Советот беше поделен околу тоа како да се справи со Пјонгјанг.

Русија и Кина, кои имаат право на вето заедно со САД, Велика Британија и Франција, рекоа дека новите санкции нема да помогнат и сакаат таквите мерки да се олеснат.

Кина и Русија сметаат дека заедничките воени вежби меѓу САД и Јужна Кореја ќе го испровоцираат Пјонгјанг, додека Вашингтон ги обвинува Пекинг и Москва дека ја охрабруваат Северна Кореја со тоа што ја штитат од нови санкции. 

Треба да знаете
Последни објави