Search

Лавров: Русија ќе преземе мерки поради проширувањето на НАТО

Москва знае какви мерки да преземе за да ја обезбеди својата безбедност по влезот на Шведска и Финска во НАТО, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

„Дефинитивно ќе извлечеме заклучоци во зависност од тоа колку брзо и опширно НАТО ќе ја користи територијата на Финска и Шведска. Нема сомнение дека тоа ќе се направи, бидејќи и Хелсинки и Стокхолм веќе разговараат со САД за различни прашања поврзани со распоредувањето на инфраструктурата на тој воен сојуз токму на руската граница со Финска и многу блиску до нашата граница со Шведска“, посочи Лавров.

Според рускиот министер, ќе бидат заштитени сите легитимни безбедносни интереси на Русија и во пракса ќе бидат преземени неопходните мерки.

„Беше изненадувачки колку брзо и Финска и Шведска се откажаа од својот неутрален статус и од предностите што ги имаа со децении, обезбедувајќи ја нивната релативно независна улога, како и нивниот углед и авторитет и во Европа и на меѓународната сцена“, истакна Лавров.

Како што наведе, двете земји се откажале и од придобивките што претходно ги имале од нивните посебни трговски, економски, инвестициски и други врски со Русија.

„Сите национални интереси на финската и шведската држава беа жртвувани на потребата од обединување на Западот во борбата против Русија, во конкретниот случај“, нагласи Лавров.

Анкара се согласи да го укине ветото за прием на Шведска во НАТО, по разговорите меѓу турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и шведскиот премиер Улф Кристерсон, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Шведска вети дека нема да ги поддржува организациите кои Анкара ги означи како терористи и дека ќе и пружи секаква можна помош на Турција во врска со нејзината европска интеграција.

Треба да знаете
Последни објави