Search

Планинарите тагуваат за „Копанки“ и „Ловечка куќа“ на Пелистер

 (МИА) – Во 2013 година на Пелистер до темел изгоре планинарскиот дом „Копанки“, а во 2021 година, исто така до темел изгоре и „Ловечка куќа“. Од тогаш планинарите се без капацитети за ноќевање на планината Баба.

Жртви немаше. Планинарските домови „Копанки“ пред една деценија и „Ловечка куќа“ пред две години изгореа и останаа да сведочат скаменети во прегратките на планината Баба, така често говорат планинарите кои преноќеваа, а потоа го освојуваа врвот Пелистер.

-Се сеќавам на тоа понеделнично утро кога страшна вест проструи низ Битола. Изгоре нашиот, вашиот, сечиј планинарски дом „Копанки“. Се се пеплоса. Арно што никој не загина. Неколкумина вдишале чад, вели битолскиот хроничар Димче Миновски, во чии тефтери е запишан историјатот на домот, денот кога е изграден, некаде пред Втората светска војна, денот кога изгоре, но и денот кога ќе почне повторно да се гради.

Добрата вест за планинарскиот дом „Копанки“ стигна од Општината и планинарскиот спортски клуб „Пелистер“, кои соопштија дека годинава почнуваат со реконструкција на планинарскиот дом „Копанки“. Обезбедени се пари, а со општинскиот ребаланс ќе има и дополнителни средства со кои се очекува да се врати животот во објектот.

– Планинарскиот дом „Копанки“ имаше големи можности за сместување, одлична кујна и прекрасен двор. Не се знае бројот на посетители кои најмалку еднаш престојувале на „Копанки“. Важно е што тргна работата околу реконструкцијата. Во наредниот период, до крајот на септември очекуваме Домот да биде покриен и оформен како карабина, а потоа во есенско-зимскиот период да се постави инсталација, вода, одвод, струја…се што треба. Ние сме оптимисти дека на пролет, во мај, јубилејот 35 години од освојувањето на Монт Еверест што во 1989 година го направи нашиот член Димитар Илиевски Мурато, да го одбележиме во реконструираниот планинарски дом „Копанки“, вели Димче Попов, претседател на ПСК „Пелистер“-Битола.

И додека изградбата на планинарскиот дом „Копанки“ е повеќе од извесна, за жал неизвесна е изградбата на планинарскиот дом Широка или познат како „Ловечка куќа“ која се наоѓа на надморска височина од 1950 метри.

-Планинарскиот дом „Копанки“ е дел од мојата младост. Ги паметам сите бои на „Копанки“. Белата-зимска, зелената-пролетна, расцветаниот и миризлив двор во лето, и секако жолто-златната есенска боја. Не знам која од која е поубава, но знам дека цели десет години со тага минувам покрај него, сакајќи што побрзо да го одминам, жалејќи за тоа што му се случи на почетокот од 2013 година. А, на местото викано Широка, точно на половина пат од Вилата на Лазо до Антена, е домот „Ловечка куќа“ кој беше целосно реновиран и проширен од страна на вљубеник во планината. Се беше убаво. На долниот кат имаше прекрасен ентериер со дрвени елементи во духот на планинските куќи. Имаше и вода, и кујна со опрема за подготовка на оброк за планинарите. Просторот беше мал, но со доволно кревети за преноќување. Често седевме на отворено небо за да ги гледаме ѕвездите. Уживавме. Но, пред две години пламени јазици ја проголтаа „Ловечка куќа“, вели Валентина Н., планинарка од Битола.

Непознато е дали и кога би се реконструирал овој планинрски дом. Исто како што не е познато дали и кога ќе се реконструира детското одморалиште „Пелистер“ на планината Баба.

Објектот е затворен и не функционира. На веб страницата на Националниот парк „Пелистер“-Битола, кои патем немаат ингеренции за објектот, кусо е напишано – долгогодишниот детски џагор на полното одморалиште не се слуша. Кога одморалиштето ќе биде ставено во функција, не се знае.

Во очекување на обновата, вљубениците во планината ќе тагуваат или, како што велат, ќе ги заобиколуваат објектите за да не им се параат очите и душата.

Треба да знаете
Последни објави