Search

Остри критики по изјавата на министерката на Косово дека без НАТО и САД, ЕУ е хартиен тигар

Опозицијата во Приштина силно ја критикуваше изјавата на министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала Шварц, дека без САД и НАТО ЕУ е „хартиен тигар во однос на безбедноста“.

„Без САД и НАТО, ЕУ е хартиен тигар кога станува збор за безбедноста. Бидејќи ЕУ тоа го знае, прибегнува кон отстапки“, рече Гервала во саботата на меѓународната конференција „Дубровник Форум“ и оцени дека таквата политика е крајно опасна, бидејќи со отстапки ЕУ го „покани“ Путин да ескалира.

На нејзините тврдења веднаш реагираа и го изразија своето несогласување американскиот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, а критики упати и опозицијата од Приштина.

„Жал ми е што морам да не се согласам со мојата колешка во Косово, но сè што се случи позитивно на Балканот во последната генерација е комбинација од соработката на САД и ЕУ“, нагласи Ескобар, јави „Репортерс“.

Претставникот на Демократската партија на Косово (ПДК), Енвер Хоџај, денеска соопшти дека дипломатијата на Приштина доведе до тоа меѓународната заедница да го гледа Косово како противник, а Србија како партнер, пренесува Репортерс.

Потпретседателката на ПДК, Вљора Читаку, ја нарече изјавата на Гервала неука, наведувајќи дека терминот „хартиен тигар“ го користел кинескиот комунистички лидер Мао Це Тунг, кој ги нарече САД така.

Каква неодговорност, помешана со мегаломанија и незнаење. Всушност, овие три обично одат заедно“, напиша Читаку на Фејсбук.

Шефот на пратеничката група на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Бесник Тахири во објава на Фејсбук порача дека јавната дипломатија уште еднаш ја доведе Приштина во директен судир со Западот, САД и ЕУ.

Тој рече дека никој не верувал оти Косово може да падне „на ова ниво“.

Портпаролката на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Сибељ Хаљими, оцени дека во мизерна и опасна ситуација Гервала ја донела Приштина, со нејзините коментари против ЕУ. Таа рече дека додека Приштина живее низ мрачни денови под санкциите на ЕУ, еден министер бара од ЕУ одговорност за безбедноста.

Потопена во илузорни погледи на паралелен свет, таа доби заслужен одговор од пратениците Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар“, рече Хаљими.

Дубровник беше домаќин на дводневната меѓународна конференција „Дубровник Форум“, која се фокусираше на геополитиката и глобалната економија, европската енергетска транзиција, евроатлантскиот пат на Западен Балкан и глобалната улога на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави