Search

Лавров – Фидан разговарале за договорот за извоз на жито преку Црно Море

Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров денеска телефонски разговараше со неговиот турски колега Хакан Фидан за ситуацијата во Украина и за Договорот за извоз на жито преку Црното Море.

Москва се заканува дека ќе се повлече од Договорот, кој гарантира безбеден извоз на жито и ѓубрива од украинските пристаништа на Црното Море, бидејќи не се исполнети неколку нејзини барања за рускиот извоз на жито и ѓубрива. Договорот истекува на 17 јули.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вчера изјави дека ја притиска Русија да го продолжи Договорот, постигнат со помош на Анкара и Обединетите нации минатата година, за уште најмалку три месеци.

Руското Министерство за надворешни работи прецизираше дека Фидан и Лавров разговарале за глобалната безбедност на храната, како и за некои аспекти на руско-турската билатерална соработка, вклучително и распоред за претстојните контакти.

Тема на разговор беше враќањето од Турција во Украина на командантите на украинскиот баталјон Азов. Баталјонот е прогласен за терористичка организација од Москва.

Страните разменија мислења за регионалната агенда со акцент на последните настани околу Украина, вклучително и ситуацијата со враќањето на командантите на Азов од Истанбул во Киев, соопшти руското МНР.

Во соопштението се истакнува и дека Лавров и Фидан разговарале и за испорака на воена опрема на Киев.

Треба да знаете
Последни објави