Search

Грција ја условува Албанија на европскиот пат со ослободувањето на Белери

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис го услови патот на Албанија кон ЕУ со ослободувањето на Фреди Белери, додавајќи дека мора да се почитува владеењето на правото ако земјата навистина сака да стане дел од европското семејство, јави албанската агенција Балкан веб.

Според него Грција останува посветена на развојот, безбедноста и просперитетот на Западен Балкан и 20 години по Самитот во Солун ќе продолжи да презема иницијативи за забрзување на нивниот европски пат и нагласил дека ќе направат се за ослободување на Белери.

– Посебно во однос на Албанија, ќе направиме сè што е потребно за да се прекине тековниот притвор на градоначалникот на Химара, Фреди Белери. Албанија мора да го почитува владеењето на правото ако навистина сака да стане дел од европското семејство, наведе Герапетритис.

Пред два дена портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи, изјавил дека „задржувањето на градоначалникот на албанскиот град Химата, Фреди Белери, во затворски притвор, е неправедна одлука на Владата во Тирана и е потврда на непочитувањето на човековите права“.

Веднаш реагираше албанското Министерството за Европа и надворешни работи (МЕНР) кое и порача на официјална Атина да „почека правосудните органи да ја завршат својата работа“.

Оценувајќи ја изјавата како неоснована и погрешна, МЕНР во реакцијата нагласи дека „Владата на Албанија никого ниту затвора, ниту приведува, бидејќи Албанија е демократска земја во која владее принципот на поделба на власта“.

Белери беше приведен два дена пред локалните избори, што се одржаа на 14 мај, под сомнение за купување гласови и сè уште е во затворски притвор.

Тој на изборите беше реизбран за градоначалник на приморското гратче Химара, населено главно со припадници на грчкото малцинство, на кое му припаѓа и Белери. Нему му беше одбиено барањето за домашен притвор, што го поднесе со цел да даде заклетва на денот на конституирањето на Советот на општината. 

Треба да знаете
Последни објави