Општина Центар ја исчисти дивата депонијата во Паркот на новинарите спроти Министерството за образование, а надлежните служби се погрижија за групата бездомници која беше незаконски населена во Паркот.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2023/07/Чистење-на-Парк-на-Новинари-3-1024x768.jpg)
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски се заложи Центарот за социјални работи да ги згрижи седумте деца на возраст од 1 до 7 години кои во паркот во импровизирано живеалиште беа со 6 возрасни лица.
Заедно со градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски и службеници од Центарот за социјални работи, на терен излегоа и вработени од ЈП ПОЦ и претставници од ПС Беко.
„По дојава од граѓани дека во Паркот на новинарите има диво населени граѓани со мали деца веднаш постапивме, ги повикавме институциите и излеговме на терен. Центарот за социјални работи во рамки на надлежностите ја презеде работата со малолетните деца, додека вработените од ПОЦ го исчистија и го вратија Паркот во првобитната состојба. Им благодарам на граѓаните кои алармираа за состојбата и ги охрабрувам сите останати кои ќе забележат некакви неправилности да го пријават тоа. Со нивна помош можеме навремено и брзо да реагираме“, рече градоначалникот Герасимовски.
Големо чистење на Паркот на новинарите Општина Центар спроведе во рамки на акцијата Генералка Викенд 2023 во која покрај општинската администрацијa се придружија и вработени од ЈП ПОЦ, Шпаркасе Банка, еколошки здруженија, пензионери, компании и други граѓани.