Search

Албанија втора во регионот по странски инвестиции во 2022 година

Албанија достигна рекордно ниво на странски инвестиции за изминатата година стои во извештајот на Агенцијата на Организацијата на Обединетите нации за економија и трговија (УНЦТАД).

– Во извештајот е направена анализа меѓу петте земји од Западен Балкан, а Албанија зад себе остава земји како Северна Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Косово не е вклучено во извештајот бидејќи не е земја членка на Организацијата на Обединетите нации, јавија албанските медиуми.

На прво место е Србија, каде лани биле инвестирани околу 4,6 милијарди долари, втора е Албанија со 1,4 милијарди, по неа доаѓа Црна Гора со 877 милиони, Северна Македонија со 794 милиони и Босна и Херцеговина со 661 милиони долари.

Извештајот, исто така, дава позитивна оценка за иницијативите преземени од Албанија во рамки на заштитата на животната средина и производството на обновлива енергија.

Исто така се наведува дека нивото на странски инвестиции забележале раст и во првиот квартал од годинава.

Според податоците објавени од Централна банка на Албанија, нивната вредност достигнала 308 милиони евра, што е зголемување од 1,65 проценти во однос на истиот период пред една година.

Ова е највисоката вредност на странски директни инвестиции досега забележана во овој период од годината.

Што се однесува до секторите, инвестициите во индустрија за ископ продолжуваат да ја имаат главната тежина. Овој сектор донесе и најголем проток со речиси 68 милиони евра за три месеци, потоа финансиските и осигурителните активности со 58 милиони евра и недвижностите со 49 милиони евра, наведуваат медиумите. 

Треба да знаете
Последни објави