Search

Шефчович: Предлагаме мерки за да ја направиме Европа поотпорна на предизвиците

Во време на зголемена несигурност и отворен конфликт на границата на Европа, стратешкото предвидување ни овозможува подобро да се подготвиме за неизвесната иднина и да ги предвидиме случувањата кои би можеле да влијаат врз нас и сето тоа ќе ни помогне да ја направиме Европа поотпорна на предизвиците, изјави потпретседателот на Европската комисија и еврокомесар за меѓуинституционални односи Марош Шефчович во врска со вчера презентираниот Извештај на ЕК за стратешко предвидување за 2023 година.

– Комисијата е посветена да ги креира своите политики со постратешки поглед кон иднината. Годишниот извештај за предвидување го прави токму тоа, ни нуди можност да ги процениме нашите успеси и да ги планираме нашите следни чекори. Овогодинешниот извештај се фокусира на одржливоста и благосостојбата на луѓето во сржта на отворената стратешка автономија на Европа, истакна Шефчович.

Тој нагласи дека извештајот ги проценува клучните трендови и идните предизвици кои влијаат на „политичките активности на ЕУ во социјалните, економските и еколошките димензии на одржливоста“ и нивната меѓусебна поврзаност.

– Се соочуваме со многу предизвици, како што се промените во геополитиката, потребата од обезбедување одржливост и благосостојба на Европејците, изнаоѓањето доволно финансии за нашите амбиции, овозможувањето на нашите работници да се стекнат со соодветни вештини за идната економија, ерозијата на социјалната кохезија и заканите за нашиот демократски модел. Врз основа на анализа на предизвиците со кои се соочуваме, нашиот Извештај за стратешко предвидување за 2023 година идентификува 10 области за дејствување. Тие ќе ни помогнат да го трасираме патот кон одржлива транзиција во интерес на сите, истакна Шефчович.

Еврокомесарот нагласи дека ЕУ денес се соочува со предизвици во меѓународната соработка, што се должат на фактот дека „битката на наративи стана битка на понуди и очигледно сега станува битка на модели“.

– Со други зборови, треба да признаеме дека заврши времето кога моделот на либералната демократија беше очигледниот избор. Либералната демократија се повеќе се оспорува од страна на автократиите како најсоодветен модел на владеење при справувањето со растечките социјално-економски прашања. Тоа се претвора во желба за влијание, вклучително и преку поддршка на трети земји, било да е тоа во инфраструктурата, со финансирање или преку трговија, рече Шевчович.

Затоа, според него, во тој контекст ЕУ треба да промовира одржливост и взаемно корисни односи засновани на доверба и факти.

Шевчович нагласи дека една конкретна идеја е создавање на иден „зелен трансатлантски пазар“, како еден вид слободна трговска зона за технологии со „нето нула“ емисии на штетни гасови, што може да спречи дискриминација и со тоа да ги поддржи зелените инвестиции и одржливото производство.

– Откривме дека одржливата и инклузивна благосостојба треба да биде пред се и сржта на креирањето на политиките и на економските показатели. Тоа значи прилагодување на БДП на начин за да ги вклучи и аспектите на благосостојбата и одржливоста, рече Шефчович, нагласувајќи дека би можело да се очекува прилагодениот БДП на ЕУ да се зголеми за 15,5 отсто до 2040 година, со што би бил поголем од оној на САД, Кина или Индија.

Тој потенцира дека Европската комисија повикува на нов европски социјален договор за креирање на одржлива иднина, кој во услови на свет што брзо се менува би опфатил прилагодување на политиките на ЕУ за благосостојба и социјална заштита, земајќи ги предвид и новите ризици поврзани со климата.

– Ние треба да се движиме кон „Европа на инвестиции“. Наша цел е да ги зголемиме приватните финансиски текови за поддршка на стратешките инвестиции, овозможувајќи ни да ја прошириме основата за нашата зелена транзиција. Ова може да се постигне со користење на јавното финансирање како катализатор за приватните инвестиции, особено за поризични проекти за одржливост, додаде еврокомесарот.

Поради тоа, според него, Европската инвестициска банка треба да обезбеди посилна поддршка за стратешките инвестиции поврзани со зелените и дигиталните транзиции.

Шефчович додаде и дека се предлага надополнување на цивилната заштита за граѓаните на ЕУ со зајакнување на подготвеноста за одговор при катастрофи преку имплементирање на системи за рано предупредување.

Европската комисија вчера го промивираше Извештајот за стратешко предвидување за 2023 година, кој содржи препораки за обезбедување на одржлив развој и благосостојба на луѓето и предлага 10 конкретни активности за постигнување на поставените цели и спроведување на успешна транзиција.

Извештајот за стратешко предвидување треба да биде разгледен на седницата на Советот за општи работи закажна за в понеделник, по што со очекува да се најде на дискусија пред лидерите на ЕУ на Самитот во Гранада во октомври 2023 година. 

Треба да знаете
Последни објави