Search

Градоначалничката на Скопје најави скоро пуштање во употреба на мостот „Беласица“

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска во интервју за Канал 5 ТВ најавува дека мостот „Беласица“ кој е на потегот од кај Транспортниот центар преку реката Вардар до трговскиот центар „Ист гејт“ многу скоро ќе биде пуштен во употреба и ќе биде безбеден за сите учесници во сообраќајот.

Според Арсовска во извештаите од Приватниот институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени не е забележано во ниту еден дел на мостот изложеност на каблите за пренапрегање туку се скриени со заштитен слој на бетон.

-Сериозни оштетувања на самиот мост нема, можам да кажам дека тоа е нешто минорно што се случи на тој мост и сега во овој момент очекуваме од страна на ЕСМ која во овој момент е надлежна за цевките од топловодот што поминуваат под него да се отстранат. Потоа мостот веќе со ситна санација се става назад во функција, изјави Арсовска.

Мостот беше опожарен ноќта помеѓу 11 и 12 мај, од кога е затворен за сообраќај. Град Скопје го ангажираше приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени да направи експертиза за евентуалните оштетувања и потребната санација за истиот да биде вратен во употреба.

Пред десетина дена директорот на Институтот, Михаил Гаревски, изјави дека драфт верзијата од извештајот е готова и предадена на градските власти и рече дека оштетувањата се мали, но ќе треба ситна санација.

Деканот на Градежниот факултет Горан Марковски и вчера на прес-конференција укажа оти е потребна неопходна темелна истрага за да се осигури безбедноста пред мостот да се пушти за употреба.

Треба да знаете
Последни објави