Search

Русија го затвори Конзулатот на Финска и протера девет фински дипломати

Русија денеска соопшти дека го затвора Конзулатот на Финска во Санкт Петербург и протерува девет фински дипломати.

Одлуката на Москва уследи откако Финска протера девет руски дипломати од Хелсинки.

Девет вработени во Финската амбасада во Русија и Конзулатот во Санкт Петербург се прогласени за „персона нон грата“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението на руското МНР, се додава дека договорот, што ја овозможи работата на финскиот конзулат во Санкт Петербург, ќе биде откажан на 1 октомври. За овие мерки бил известен финскиот амбасадор Анти Хелантера, кој бил поканет во Министерството за надворешни работи во Москва.

Нему му беше упатен „остар протест“ поради „конфронтирачката и антируската политика“ на финските власти, која, како што тврди руската дипломатија, има за цел „да ги уништи децениските заемно корисни руско-фински односи“.

Финските власти на 6 јуни објавија дека протеруваат девет руски дипломати од Хелсинки, обвинувајќи ги дека работат за руските разузнавачки служби.

Односите меѓу двете соседни земји значително се влошија по руската инвазија врз Украина. Поради таа агресија Финска ја напушти својата долгогодишна политика на воена неутралност и во април официјално стана членка на НАТО. 

Треба да знаете
Последни објави