Search

Приказната за „Отворен Балкан“ не е завршена – Рама и Ковачевски застанаа во одбрана на иницијативата

Приказната со Отворен Балкан не е завршена. Резултатите се видливи. Ваков е заклучокот на премиерите на Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама за иницијативата, прашани од новинарите дали „Отворен Балкан“ го загрозил „Берлинскиот процес“, но и дали процесот е завршен.

„И 1.000 пати да се вратам назад, Отворен Балкан ќе го основав повторно. Иницијативата е отворена за сите земји, и воопшто не е иницијатива што исклучува“, рече Рама.

Премиерот беше прашан и зошто Албанија е дел од оваа иницијатива, безралика на ставот на Косово и крвопролевањето во регионот.

„Какво зло има од отворениот Балкан нашиот регион, освен придбивките“, праша Рама, а за братството или крвопролевањето, рече дека тоа е најпогрешниот пат на албанското размислување денес.

„Нема погрешен пат од тоа да се закотвиме во минатото и да се обвинуваме меѓусебно кој е вистински патриот. Патриот е тој што ја сака својата земја и не му сака зло на никој друг“, заклучи Рама.

Додаде дека целта е со срце да се поддржи Берлинскиот процес за да прерасне во функционален процес, како што се покажа Отворениот Балкан. Берлинскиот процес, рече Рама, не застана поради Отворен Балкан, туку поради: не потпишувам, ќе се видиме утре, задутре. Берлинскииот процес е мост чии столбови треба да се зајакнат, додаде премиерот на Албанија.

Во одбрана на Отворен Балкан на заедничката прес-конференција застана и премиерот Димитар Ковачевски. Дециден е дека иницијативата не е во спротивност со ниту една друга,а тоа најдобро се мери според резултатите.

„Надворешни трговската размена меѓу Македонија и Србија зголемена за 50 посто, во однос на 2019 година. Помеѓу Албанија и Македонија во однос на истата година, размената е зголемена за 40 проценти. Туристичката размена од Србија кон Македонија во однос на 2021 година за 500 проценти. Македонија не можеше да замисли, ниту пак Албанија или Србија да го имаат најголемиот штанд на саем за вино во Италија. Тоа е можно ако отидете заедно, и тоа ќе ви го потврдат сите винарии. Тоа што во Берлинскиот процес се мачеа со години да го направат, признавање дипломи, движење со лични карти и слично, го направивме ние во Отворен Балкан, а ќе го направиме и во Берлинскиот процес“, рече Ковачевски.

Според него, секоја земја што не се приклучила кон Отворен Балкан, не можела да им овозможи на граѓаните зголемена трговија, мобилност и стандард.

Најлесно е да бидете политичар што зборува за минатото и ништо не ветувате. Тука не можете да погрешите, рече тој, коментирајќи дека тешко е да зборувате за иднината и да давате ветување за нешто што носи подобар живот.

Треба да знаете
Последни објави