Search

ОН: Милиони луѓе без помош во Западна Африка страдаат од најтешката криза со глад во последната деценија

Светската програма за храна на Обединетите нации (WFP) денеска соопшти дека милиони гладни луѓе во Западна Африка се без помош додека Агенцијата се бори со ограниченото финансирање да одговори на најголемиот глад во регионот во последните децении.

Речиси половина од 11,6 милиони луѓе на кои им е потребна помош во храна меѓу јуни и август не добиваат никаква помош, се вели во соопштението на Агенцијата.

ОН предупреди дека стотици илјади луѓе се изложени на ризик да се приклучат на вооружени групи, да се венчаат предвреме или да се вклучат во „секс за преживување“ во нивниот очај да преживеат.

-Се наоѓаме во трагична ситуација, на милиони семејства ќе им недостасуваат доволно резерви на храна за да се прехранат до следната жетва во септември. Мораме да преземеме итни мерки за да спречиме масовно избувнување на катастрофален глад, изјави привремениот регионален директор на WFP за Западна Африка Маргот Вандервелден.

Недостигот на храна во Западна и Централна Африка сега погодува 47,2 милиони луѓе оваа сезона, а жените и децата се најранлива група.

-Стапките на неухранетост исто така се зголемени, па речиси 16,5 милиони деца на возраст под пет години ќе бидат акутно неухранети оваа година, што е зголемување за 83 отсто во однос на просекот од 2015-2022 година, наведува Агенцијата.

Во земјите од централниот дел на Сахел, Мали, Буркина Фасо и Нигер, каде џихадистите стануваат сè поагресивни, агенциите на ОН проценуваат дека бројот на луѓе кои бегаат од насилството е речиси четирикратен од 30 илјади во јануари на 110 илјади во јуни. 

Треба да знаете
Последни објави