Search

Илјадници Израелци го блокираа автопатот поради принудната оставка на началникот на полицијата

Илјадници демонстранти го блокираа главниот автопат во Тел Авив и раскрсниците низ Израел поради принудната оставка на популарниот шеф на полицијата во тој град, Ами Ешед.

Ешед доцна синоќа објави дека ги напушта израелските полициски сили под, како што рече, политички притисок.

Тој често се конфронтираше со министерот за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, кој побара од полицијата да заземе поостар став против повеќемесечните антивладини протести.

Илјадници луѓе синоќа го блокираа фреквентниот автопат Ајалон, поради што беше запрен сообраќајот.

Демонстрантите носеа сино-бели израелски знамиња, свиреа со сирени, танцуваа по улиците и запалија огнови.

Полицајците, некои на коњи, се обидоа да ги турнат назад, повремено користејќи водени топови.

Еден возач возел автомобил низ толпата демонстранти и удрил маж кој паднал на земја, што се видело на директен пренос од протестот. Возачот наводно е уапсен.

Десетици илјади Израелци излегоа на улиците да протестираат откако новата влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху во јануари го објави планот за реформа на судскиот систем.

Демонстрантите ги блокираа патиштата, го попречија пристапот до главниот аеродром и масовно се собраа во поголемите градови. Нетанјаху и неговите сојузници дојдоа на власт по изборите во ноември, петти за помалку од четири години. 

Треба да знаете
Последни објави