Search

Американската министерка за финансии Јелен во посета на Пекинг

Министерката за финансии на САД, Џенет Јелен денеска пристигна во четиридневна посета на Пекинг, каде ќе се сретне со кинеските лидери како дел од напорите за заживување на односите меѓу двете најголеми економии во светот затегнати од споровите за безбедноста, технологијата и низа други прашања.

Јелен утре ќе се сретне со кинескиот премиер Ли Чијанг, поранешниот вицепремиер Лиу Хе и со американските деловни лидери, изјави висок американски функционер.

Таа, исто така, ќе се осврне на прашањето за „несправедливите практики“ на Кина, вклучително и неодамнешните казнени дејствија против американски фирми и бариерите за трговскиот пристап.

Јелен планира во рамки на својата посета да се фокусира на процесот на стабилизирање на глобалната економија и да ги нагласи импликациите од кинеската поддршка за Русија односно војната во Украина, изјавија претставници на американското Министерство за финансии пред патувањето.

Извори од Министерството за финансии не кажаа дали таа ќе се сретне со кинескиот лидер Си Џинпинг.

Треба да знаете
Последни објави