Search

Левица : „Македонски предлог – нацрт” за решавање на кризата во Франција

Левица со загриженост ги следи настаните изминативе денови во Франција и изразуваме жалење за насилствата и негативните последици што ги имаат врз сигурноста и стабилноста на државата и народот. Следствено, ја истакнуваме потребата за мирен и демократски дијалог, каде сите страни можат да ги изразат своите ставови и да преговараат посветено за мирни решенија.

Најостро ја осудуваме ескалацијата на состојбите и повикуваме двете страни час поскоро да најдат простор за дијалог како би се дошло до решение на кризата во овие моменти кога демократијата е цел на напади. Ја осудуваме полициската бруталност и прекумерна сила која се употребува врз народот кој го изразува своето демократско право на протест поради незадоволството од властите и третманот кон малцинствата, особено во оние реони од каде постојано стигнуваат поплаки за зголемена, систематизирана полициска бруталност врз сиромашната, работничка класа и малцинствата.

Имено, само во изминатава година, забележани се 13 убиени лица откако биле запрени поради сообраќајни прекршоци. Долг период се истакнуваат овие поплаки за полициска бруталност и дискриминација во овие области, особено против домаќинствата со пониски приходи од работничка класа и малцинства.

Статистиките велат дека младите, на возраст од 14 години, во овие области, стереотипно се втурнуваат во технички средни училишта каде се обучуваат за физичка работа или послабо платени работни места, наместо во училишта во кои ги подготвуваат учениците за универзитет.

За да се постигне фер решение, Левица ја нуди својата помош како медијатор во процесот на преговори во улога на олеснувачи на процесот на помирување. Нудиме нацрт за предлог решение, односно т.н. „Македонски предлог” до Франција, со цел прекин на немирите, водени од искуствата кои ги има државата Македонија:

Партиите се обврзуваат да обезбедат инклузивност во спроведувањето на овој договор преку консултации и координација со главните чинители во процесот;

Малцинските заедници Мароканци, Тунижани, Алжирци и останати народи кои се дел од колонизаторското минато на Франција, да влезат во Уставот на Франција како државотворен народ;

Јазик на кој зборуваат малцинствата од овие заедници и народи кои се дел од колонизаторското минато на Франција да се воведе на цела територија на Франција, како и во образовниот систем;

Нова територијална поделба во интерес на малцинските заедници и останати народи кои се дел од колонизаторското минато на Франција, во духот на демократијата и европските вредности;

Партиите се согласни да го стават интересот на државата на прво место и ја повторуваат нивната определба за истрајност и за почитување на демократските принципи, во интерес на сите граѓани и сите заедници во државата, согласни да преземат чекори за надминување на постојната криза.

Како партнери во градењето на заедничка иднина, силно апелираме Франција да остане на демократскиот колосек, а ние сме тука да помогнеме да го оствари тоа.

Треба да знаете
Последни објави