Search

Димитриевски: Ставот на власта и опозицијата за уставните измени нема основ

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервјуто за медиумот Дојче Веле зборува за политичката состојба во земјава, граѓанското здружение „За наше Куманово”, за проблемот со Бугарија и уставните измени, но и за активностите што се реализираат на локално ниво.

Во однос на уставните измени, Димитриевски потенцира дека неговиот став во врска со ова прашање е непроменет и дека не се потребни измени без соодветен реципроцитет и гаранции.

„Со прифаќањето на францускиот предлог кој сега е дел од преговарачката рамка со ЕУ, направена е непроценлива штета за Македонија. Загрозени се идентитетските и јазичните права на македонската нација. Оваа преговарачка рамка во која се содржани двата потпишани протокола, не го отвора патот на државата кон нашата стратешка цел – почеток на преговори со ЕУ, туку ја зголемува можноста за долгорочна блокада од страна на Бугарија. Неодамнешната изјава на претседателот на Бугарија дава ново светло кога тврди дека немаат нови барања, туку да се спроведе потпишаното, што за жал е против нашите национални и државни интереси! На Македонија не и`е потребен меѓународен печат за постоење на македонскиот народ и јазик и култура, ние постоиме со својата посебност, историја, идентитет. Нема основа ставот на власта „промени на уставот веднаш”, и ставот на опозицијата „промени на Уставот нема да има во овој парламентарен состав”! Тоа би значело дека тие кога би дошле на власт имаат магично решение, што е популистичка измама. Претходно, пред одржувањето на „лидерската средба” дадов изјава на една национална телевизија, дека таа ќе доживее дебакал и тоа се случи. Дадов два конкретни предлога за надминување на актуелната состојба, а тие претседателот на опозицијата ги претставува како свои. Прво, национален консензус за одбрана од бугарските уцени. Второ, Бугарите во Уставот со одложена примена до нашиот влез во ЕУ. Убеден сум дека тоа нашите партнери ќе го прифатат. Ги поздравувам Резолуцијата на Бундестагот и искрената подршка на канцеларот Олаф Шолц”, истакнува Димитриевски.

Во интервјуто за Дојче Веле, тој посочува дека во Македонија владее атмосфера на општа депресија, разочарување и одбивност поради досегашните гарнитури на власт.  

„Граѓаните сѐ почесто си го поставуваат прашањето дали е можно да се воспостави правна држава и дали вреди воопшто да се гласа? Сите релевантни анкети покажуваат дека 50 до 60% од граѓаните не му веруваат на ниту еден актуелен политички субјект или политичар. Како резултат на ваквата ситуација, сѐ поголем замав зема иселувањето, особено на младите. Луѓето не сакаат да живеат во сиромашна и корумпирана држава. Трагаат по ред и поредок, бараат лидери кои ќе работат за државата и граѓаните. Со еден нов концепт, со вистински луѓе на вистински места, чесни и без хипотеки од минатото, авторитети во своите средини, интелектуалци, докажани стопанственици, граѓани кои се ценети во општеството и со резултати во своите пофесии, но со иста цел – европска и демократска Македонија – така ќе се позиционираме на политичката сцена. Време е да се обединат сите прогресивни сили во Македонија, без разлика на нивната политичка определба и да се стават во функција на државата. Време е диригентската палка да ја преземат луѓе кои сакаат да даваат, а не да земаат од Македонија. Убеден сум дека ќе успееме, зашто ќе им ја вратиме надежта на граѓаните”, вели Димитриевски.

Треба да знаете
Последни објави