Search

Во Охрид започна одбележувањето на црковно-народниот празник Преподобен Наум Охридски

Во Охрид започна одбележувањето на црковно-народниот празник Преподобен Наум Охридски Чудотворец со богослужбата вечерта на 2 јули, со која чиноначалствуваше митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. На 3 јули, на денот на овој голем празник, во истоимениот манастир, кој го носи името на овој македонски и словенски светител и просветител, ќе се отслужи и света архиерејска литургија со почеток од девет часот. Исто така, и со неа ќе ќе чиноначалствува владиката Тимотеј.

Секоја година на овој црковно-народен празник во манастирскиот комплекс „Св. Наум“ доаѓаат илјадници верници да се помолат за здравјето свое и на нивните најблиски: со Свети Наум Охридски од дамнини е поврзана силната вера кај христијаните дека тој како голем исцелител имал силна моќ да лекува и да прави чудеса. Култот за Свети Наум е особено негуван во охридскиот и преспанскиот крај, во Корча, но бил раширен и во Унгарија и Романија, каде што имало иселеници од овие региони. Покрај православни верници од Охрид и Балканот, на празникот на светецот доаѓаат многубројни гости  и од странство, како и граѓани од други вероисповеди.

Манастирскиот комплекс „Св. Наум“ се наоѓа на 30 километри од Охрид, на најужната точка на Охридското Езеро. Свети Наум ја избрал оваа околина како свое живеалиште и оттука ја развивал својата просветителска мисија. Таму се наоѓа и неговиот гроб.

Свети Наум Охридски е eден од основоположниците на македонската и словенската писменост. Тој бил еден од најблиските ученици и соработници на браќата Кирил и Методиј. Од својата младост тој ги следел учителите во Велика Моравија, каде што во текот на многу години им го проповедал Божјото слово на словенските народи на нивниот роден јазик. Околу него се собрале многу монаси, бидејќи бил мудар учител и молитвеник. Неуморно се трудел над преводот на Светото писмо на словенски јазик. Заедно со Св. Климент биле наречени новите Мојсеј и Арон.

Тој останува запаметен како исцелител и просветител на македонскиот народкако и заштитник на манастирот „Св. Наум“ во Охрид. За животот и дејноста на Св. Наум Охридски малку се знае, иако со Св. Климент Охридски се најпознати и најзначајни ученици на светите македонски браќа Кирил и Методиј. Се знае дека учествувал во Моравската мисија, оти во Рим кон крајот на 867 година бил духовно посветен и дека по смртта на Методиј во 885 година, преку Бугарија, дошол во Македонија.

Треба да знаете
Последни објави