Притвор доби Здравев и уште еден осомничен во случајот „Феникс“, а Тодоровиќ и уште две лица треба да бидат доведени во судот

Судија на претходна постапка од Основниот Кривичен суд во Скопје му одреди 30-дневен притвор на поранешниот претседавач на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев за злоупотреба на службената положба за случајот „Феникс“. Тој беше уапсен на „Табановце“ при обид за излез од Македонија.

Притвор за истиот случај му е определен и на Љ.Б., додека на лицето Т.Д. му е одреден домашен притвор. Се очекува во судот да бидат доведени уште три лица за кои обвинителството бара притвор, меѓу кои и поранешниот градоначалник на Центар Владимир Тодоровиќ.

Вкупно 15 физички и седум правни лица се осомничени во истрагата што Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја отвори, а е поврзана со проектот „Скопје 2014“.

Обвинителот Љубомир Лапе денеска презентираше детали за случајот, при што рече дека „Скопје 2014“ е сложен предмет, а оваа истрага се однесува само на 11 споменици. Станува збор за следните споменици: „Воинот на коњ“, лавовите – архаични и класични, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самоил“, „Гемиџии“, „Цар Јустинијан“, „Првото заседание на АСНОМ“ и „Основачите на ТМРО“.

Првоосомничен во случајот, кој е со кодно име „Феникс“, е поранешниот премиер Никола Груевски, второосомничен е ексвицепремиерот и министер за финансии во неговата влада Зоран Ставрески, а на листата се и поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска, двајца поранешни градоначалници на Општина Центар – Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев. Меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.

Кривичните дела на кои се однесува оваа истрага се злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.

Треба да знаете
Последни објави