Search

Старо-новиот грчки премиер Кирјакос Мицотакис положи свечена заклетва

Во присуство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу и пред поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос, лидерот на Нова демократија Кирјакос Мицотакис положи свечена заклетва како нов премиер на земјата, јави дописничката на МИА од Атина. 

На свеченоста во Претседателската палата Мицотакис пристигна со неговата сопруга и трите деца, а присутни беа и неговите сестри меѓу кои и поранешната министерка Дора Бакојани. 

Веднаш по заклетвата, новиот грчки премиер се упати во Премиерската палата каде што и официјално ќе ја презеде функцијата од службениот премиер Јоанис Сармас. 

Попладнево ќе биде соопштен и новиот владин состав, а веројатно утре, новите министри ќе положат свечена заклетва за в среда да се одржи и првата владина седница. 

По вчерашната убедлива победа на Нова демократија на парламентарните избори, процедурите за формирање Влада се одвиваат со забрзан ритам. 

Утрово, претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас ѝ ги достави официјалните резултати од парламентарните избори на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, која во продолжение го прими лидерот на Нова демократија и му го додели мандатот за формирање Влада. 

Мицотакис, кој втор пат добива мандат за формирање Влада, откако Нова демократија победи и на изборите во јули 2019 година, на средбата со Сакеларопулу истакна дека неговата цел била „земјата да има стабилна еднопартиска Влада“ и порача дека ќе состави Влада „која напорно ќе работи и ќе има мерливи резултати“

На вчерашните парламентарни избори, Нова демократија доби 40,55 отсто од гласовите, 22,73 проценти повеќе од опозициската СИРИЗА, која освои 17,84 отсто, а ПАСОК е на третата позиција со 11,85 отсто.

Партијата победник на изборите со добиени 158 пратенички места ќе формира еднопартиска Влада.

Треба да знаете
Последни објави