Search

Спасовски на ТВ Телма: Бев цврст во моето убедување дека сето она што го работиме треба да го споделиме со граѓаните, да покажеме одговорност

За време на гостувањето во „Вин вин” на Телма телевизија, потсетен на анкетата на ИРИ на почетокот на годината, која во своевидна хиерархија кому граѓаните му веруваат, МВР го стави високо на листата според перцепцијата на граѓаните во однос на оваа институција, министерот Спасовски подвлече дека многу е важно каква ќе биде перцепцијата на доверба на граѓаните кон институцијата.

„Ако направиме компарација, 2015 или 2016 година, имавме најниско ниво на доверба во МВР и притоа беше една од најнетранспарентните или најзатворените институции. И во тој период имавме детектирано точно зошто ни се случуваа такви резултати на перцепцијата: прислушувањето, случајот со Мартин Нешковски, случувањата во Куманово… И второ, нетранспарентноста којашто беше клучна во градењето на недовербата. Мислам дека тоа беа првите задачи коишто ние си ги поставивме како раководство во МВР за да ја смениме таа перцепција. Таа перцепција не може да се промени сама од себе, треба многу работи. Да се работи на тоа да се гради доверба помеѓу заедницата, граѓаните и МВР и да се работи на транспарентноста”, потсети Спасовски, додавајќи дека првите неколку дена во МВР, од  тогашни раководни структури бил советуван институцијата да не се отвора толку жестоко како што наложил, бидејќи перцепцијата ќе се менува имајќи го предвид споделувањето со јавноста на бројот на кривични дела и сл.

„Меѓутоа, бев цврст во моето убедување дека сето она што го работиме треба да го споделиме со граѓаните. И околу тоа што се презема – навистина да бидат запознаени граѓани, да имаме одговорност во тој дел”, рече Спасовски.

Во однос на одговорноста и влијанијата врз поединци во некои институции, поради кои дел од криминалците се повторно на слобода најчесто надвор од државата, министерот Спасовски одговори: „Секако дека постојат влијанија. На пример, еве го споменавте лицето со иницијали Б.Ш. на коешто му е извршен претрес, пронајдено оружје, притоа е повратник од воените жаришта во Сирија и на крајот, замислете кое е размислувањето на инспекторите и припадниците на МВР кои работеа на случајот, кога ја гледаме одлуката на судот која гласи – домашен притвор. За лице кое е профилирано како опасно лице по безбедноста на државата и притоа ја напушта државата?! Тоа е најнесигурниот начин на обезбедување и би рекол не се прават никакви проценки во овој дел. Затоа сметам дека многу отворено, ефикасно, искрено треба да се работи. Без разлика дали се политички, бизнис конекции или било какви други, тие мора да бидат пресечени – така можеме да го изградиме системот кој би функционирал”.

Според Спасовски, тоа доволно говори зошто е потребно сите држави во регионот да се дел од меѓународните мрежи како Интерпол и Европол, да имаат заеднички консолидиран одговор, без разлика на политичките односи коишто треба да се решат меѓу земјите преку дијалог, како најдобар начин.

Треба да знаете
Последни објави