Search

Борел: Еулекс ќе биде поактивен, а клучно е да се одржат избори на северот од Косово со учество на српската заедница

Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел по денешните одвоени средби  со српскиот претседател Александар Вучиќ и со косовскиот премир Аљбин Курти изјави дека самоволните и незаконски апсења се неприфатливи и истакна дека ЕУЛЕКС ќе почне поактивно да ја следи ситуацијата.

„Забележувам дека произволните и незаконски апсења, како и лошото постапување со затворениците се целосно неприфатливи и нашата мисија на Косово, ЕУЛЕКС, ќе игра посилна улога да ја следи оваа ситуација“, рече Борел.

По одвоените средби со Вучиќ и Курти, тој повика на темелна истрага за апсењета, како и да се преземат соодветни дејствија потоа.

„Му повторив и на Вучиќ дека тројцата косовски полицајци кои беа уапсени во Србија мора веднаш и безусловно да бидат ослободени“, изјави Борел.

Тој рече дека на средбата не се разговарало за тоа што треба да се направи, туку како и кога, како што поскоро да се спроведат нови избори на северот од Косово, на кои ќе учествува и српската заедница.

„Ги повторивме нашите очекувања, Косово веднаш да ја отстрани полицијата од север и Србија да се погрижи демонстрантите да се повлечат. Клучно е да се одржат избори и потоа да продолжиме да работиме на нормализација на односите преку дијалог“, рече Борел.

Тој ги повтори повиците до Косово да почне формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) без одлагање или предуслови.

Борел ги покани Вучиќ и Курти на средба во Брисел заедно со специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, во врска со последните настани на северот на Косово.

Во објава на Твитер претходно денес, тој напиша дека целта е да се најдат решенија за итна деескалација и како да се оди напред.

Треба да знаете
Последни објави