Search

Бочварски: Треба да се направат сите потребни детални истраги, па потоа да се започне со работа на коридорите 8 и 10д

Добрата подготовка за старт на градежните работи е клучна за реализација на секој проект, па и на проектот за изградба на автопатите на коридорите 8 и 10д. Токму тоа се случува во моментов со коридорите 8 и 10д каде се работи на геомеханички истраги на терен од кои треба да се добијат точни податоци за теренот на делницата Прилеп-Битола и за делницата Тетово-Гостивар-Букојчани, истакна вечерва министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Порача дека е важно на терен да се направат сите потребни детални истраги, па потоа да се започне со работа за да може брзо и ефикасно да се реализира проектот.

Со конзорциумот „Бехтел и Енка“, како што кажа, има целосно нов концепт за реализација на проектот за изградба на автопатите и наместо како досега да се реализираат со веќе изработени проекти, кои некогаш се многу постари и не соодветствуваа со реалната состојба на терен, поради што се случуваа непредвидени сценарија, сега сите четири фази на реализација ќе одат паралелно – проектирање, урбанистички проекти, подготовката на експропријацијата на земјиштето и фазната градба. Овој концепт, потенцира, првпат е воведен во државата и на изведувачот ќе му делегира право да проектира и да гради.

-Во програмата на Владата е утврдено дека на „Бехтел и Енка“ ќе им се плаќа во транши од страна на Владата преку Министерството за транспорт и врски до Јавното претпријатие за државни патишта кое потоа теренски ја следи реализацијата преку своја проектна единица која работи во директна конверзација со изведувачот и им префрла средства. До овој момент им е исплатена една транша од 117 милиони евра која е на име на аванс за подготвителни градежни работи за отпочнување со мобилизација, за отпочнување со геомеханички истраги и отпочнување со проектантски услуги, како и сите други постапки кои се неопходни за да започне и брзо да се реализира овој проект, рече Бочварски за ТВ Сител.

Треба да знаете
Последни објави