Search

ММДЧП во канадското МНР побара поддршка за македонските политички затвореници, македонското име, идентитет и историја

Претседателот на Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права Бил Николов се сретна со Елизабет Андерсон, висока советничка за меѓународна безбедност на министерката за надворешни работи на Канада Мелани Џоли, и со Мери Лиз Пауер, висока советничка за политики на министерката Џоли. На средбата, Николов побара Канада да се заложи за итно ослободување на македонските политички затвореници и да го осуди принудното преименување на Македонија, и тековното менување на македонскиот идентитет и историја.

Николов објасни дека режимот во Македонија, поддржан од САД, брутално прогонува и апси Македонци кои се спротиставуваат на принудното преименување на земјата со крајно навредливото име „Северна Македонија”. Ова име ни е наметнато од Грција, која ги условуваше САД дека нема да го крене ветото за приемот на Македонија во НАТО. Ова име е замислено за да се негираат македонскиот идентитет и историја.

Бугарија се приклучи на овие притисоци и постави свои барања, со кои го условува кревањето на своето вето против од Западот наложениот прием на Македонија во Европската Унија.

Двете земји јавно ја декларираат и се гордеат со својата цел – да ја избришат македонската нација во целост, а особено да ги негираат големите македонски малцинства во рамките на нивните граници. Сепак, Западот, вклучително и Канада, место да застане во поддршка на правото на Македонија за самоопредeлување и во заштита на човековите права на Македонците, реши да ги поддржува Грција и Бугарија – во директна спротивност со бројни меѓународни конвенции за заштита на човековите права.

Моменталните барања на Бугарија вклучуваат ревидирање на македoнската историја, при што треба да се негираат фактите дека Бугарија била сојузничка на нацистичка Германија за време на Втората Светска Војна, дека извршила масовни убиства и грозоморни злосторства врз Македонците, вклучително и протерувањето на 7,000 македонски Евреи во логорот на смртта Треблинка во Полска. Бугарија бара во иднина да биде прогласена за „ослободител”, а не за окупатор на Македонија.

Канада и Западот осудиле – и би барале одговорност – за секој обиди да се ревидира историјата и нацистичка Германија да се прогласи за „ослободител” на Франција, Полска или Холандија. Николов побара да има еднаков однос кон Македонците по ова прашање.

Николов ги образложи случаите на гореспомнатите македонски политички затвореници, уапсени затоа што му се спротиставуваа на режимот и се против принудното преименување на земјата. Тие се држат затворени врз основа на очигледно лажни обвиненија – што го призна дури и Стево Пендаровски, режимскиот претседател поддржан од САД. Едно од обвиненијата е „вршење насилство” за време на настан на кој повеќемина од нив дури не ни присуствувале.

Дополнително, Николов ги потенцираше ужасните затворски услови на кои се изложени затворениците, и образложи неколку тужби со цел е да им се помогне и да се ослободат политичките затвореници, кои се покренати од Македонското Меѓународно Движење за Човекови Права, вклучително и пред Европскиот Суд за Човекови Права. Добиваме меѓународна поддршка за овие процеси, од меѓународната заедница, организациите за заштита на човековите права, и од политичките партии, вклучително и од Европската Слободна Алијанса во Европскиот Парламент.

Николов ја повика министерката за надворешни работи Џоли да ни се приклучи и го потенцираше барањето на ММДЧП Канада да изврши притисок врз режимот во Македонија, да бара итно ослободување на политичките затвореници и да ги брани правата на сите Македонци на нивното име, идентитет и историја.
 

Треба да знаете
Последни објави