Search

Писателка, режисер и уметница: Да го користиме и афирмираме македонскиот јазик

Преземено од ТРН.мк.

Резолуцијата на Бундестагот на Германија преку која практично се потвди важноста на македонските култура, идентитет и јазик, кај нас беше пречекана со оптимизам, особено таа е многу значајна за сите културни работници.

„Недвосмислено ова е добра вест за сите нас. Она што за мене е уште поважно, е дека ова е знак и аларм кој не потсетува колку е значајно да го користиме и негуваме македонскиот јазик. Мојот личен пораз го согледувам многу често кога пишувам, гледајќи ја празнината на зборовите кои ми недостасуваат да се изразам. А, потоа кога ќе читам други македонски писатели сфаќам какво богатство од зборови се наоѓаат во нашиот јазик. Да се свртиме кон нас, и себе почитта, така ќе бидеме почитувани и од другите, изјави писателката Бистра Георгиева за Трн.

Бистра Георгиева

Бистра Георгиева наградувана и преведувана авторка на книги за деца, годинава го доби најголемото признание од МАИ, Прва награда за најдобра книга за деца и млади, за нејзината последна книга напишана заедно со Александар Трајковски „Седумте некоиси и седумте македонски композитори“.

Бранкица Јордановска, визуелна уметница и активистка смета дека и до сега имало соработка на меѓународно ниво, меѓутоа со помош на оваа германска резолуција сигурно македонската култура ќе има поголем бенефит.

„Се надевам дека ќе ни отвори нови можности за проектна соработка помеѓу македонски уметници со уметници надвор од границите на Македонија. Не дека не беше така и до сега ама може ќе имаме некаков поголем бенефит понатака. Се радувам секогаш кога културата излегува надвор од границите на нашата земја и кога се вмрежува со другите култури од светот. Македонскиот идентитет, култура и јазик е со многувековна традиција и има што да му покажеме на светот. Преку културата патот во ЕУ станува полесен, културата секогаш била гласник за нашето постоење, токму затоа сметам дека ова е важна одлука која ќе придонесе многу за развој на уметноста и културата“, ни кажа Бранкица.

Бранкица Јордановска

Бранкица е визуелна уметница која се занимава со домен на современа уметност и културна активистка. Таа е активна членка на Компресор-Асоцијација за креативна трансформација и една од основачите на Алтернативниот културен центар Кула.

Ѓорѓи Ризески, амбициозен млад режисер, кој има режирано над 30 претстави и е добитник на многу награди за неговата работа, изјави дека театарот е можеби најзатворена форма на уметност, затоа што досега многу малку имал прилика да се претстави надвор од границите на нашата држава.

„Театарот во основа е многу затворен кај нас, ама и во другите држави, не се соработува дури мислам дека иако сега сме во ера на социјални мрежи и технолошки напредок, порано повеќе се патувало, што е шокантно. Мислам дека театарот во Македонија е заглавен во државава, затоа на ова гледам како на можност да се придонесе да излезе надвор од своите рамки, да се претстави на други земји, што би било навистина позитивно. Дефинитивно да се делува во тој сегмент каде веќе се остваруваат позитивни промени. Секое нешто ново што ќе придонесе да излезе културата од овие рамки е за поздрав!“, изјави Ѓорѓи.

Ѓорѓи Ризески

Следниот викенд во театарот во Куманово, Ѓорѓи ја поставува неговата последна претстава „Неро“.

Овој документ дава поддршка на европската иднина на Северна Македонија и претставува директно признание на македонската култура, идентитет и јазик. Резолуцијата е на неколку парламентарни групи, како што се владејачки коалициски партнери, Социјалдемократите, Зелените и Либералите.

Во резолуцијата уште пишува дека 2023 е клучна година за европската иднина на Северна Македонија и дека пристапувањето е во обостран интерес.

Треба да знаете
Последни објави