Search

Советот за безбедност на Косово наложи јакнење на контролата на границата со Србија

Советот за безбедност на Косово им наложи денеска на надлежните органи и институции да ја зајакнат контролата на границата со Србија, откако вчера беа уапсени тројца припадници на косовската полиција од страна на српски сили, јави дописникот на МИА од Приштина.

Премиерот Албин Курти на прес конференција по седницата на Советот изјави дека вчерашното дејствие на Србија претставува агресија кон Косово и обид за дестабилизација, во време кога се бара решение за смирување на состојбата во северно Косово.

– Расправавме за севкупната безбедносна состојба, со акцент на четирите северни општини и граничните точки со Србија. Безбедносните институции дадоа оценки и ги предложија мерките кои треба да се преземат. Вчерашното дејствие на Србија претставува агресија кон нашата демократска држава, одмазда кон полицијата и намера за дестабилизација во реме кога го претставивме планот од пет точки (за северно Косово). Од тие причини, безбедносните институции ја зајакнаа контролата на границата со Србија, посебно за транспортните средства. Вчерашната повреда од страна на Србија не принудува да ја зајакнеме граничната контрола, како и да воведеме забрана на движење во случаи кои можат да претставуваат опасност, изјави Курти.

Тој рече дека не го изненадуваат дејствијата на Србија, но е изненаден од „толеранцијата и молчењето на меѓународниот фактор“ кон однесувањето на Белград.

– Ги повикуваме меѓународниците да извршат притисок врз Белград за ослободување на полицајците. Србија не е таа која не изненадува, не се промениле нејзините апетити. Тоа што не изненадува е толеранцијата и молчењето на меѓународниот фактор кон дејствијата на Србија, која постојано бара дестабилизација, изјави Курти.

Косовскиот премиер изрази чудење и поради тоа што мисијата на НАТО во Косово, КФОР, се уште не излегла со официјална изјава за местото каде што се уапсени косовските полицајци.

– Тоа што продолжува да ме чуди е фактот дека ниту ден подоцна со оваа вистина која ние ја изнесуваме пред вас не излегува официјално КФОР. Која е смислата на тоа што утредента од еден настан кој не се случи навечер туку на пладне, КФОР не излегува со официјално објаснување за тоа каде е тоа место. Тоа место е јасно во Република Косово, рече Курти.

Тој на прес конференцијата, што ја одржа заедно со министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, претстави карта, според која апсењето на полицајците се случило длабоко на косовска територија.

– Не станува збор за апсење во Србија, туку за киднапирање во Косово… Не станува збор за никакво преминување на граничната линија од страна на полицајците, како што лажно претендира Србија. Сево ова го има и КФОР, меѓутоа нивното молчење не придонесува ниту за деескалација, ниту за истрагата, ниту за правдата. Нема смисла за еден настан на територијата на Косово ниту утредента да немаме никаква официјална изјава. Ова може да претставува кршење на Резолуцијата 1244 (на Советот за безбедност на Обединетите нации), а токму командантот на КФОР е тој што во последно време го зачести споменувањето на Резолуцијата 1244, изјави Курти.

Полицијата на Косово објави дека српските сили вчера извршиле „класично киднапирање“ на нејзини припадници, во Лепосавиќ во северно Косово, во област каде што криминални групи вршат шверц на стоки од Србија.

Медиумите во Белград тврдат дека косовските полицајци се уапсени на српска територија, при што објавија и фотографии и видео снимки од апсењето на униформираните лица кои се наводно косовски полицајци. Приштинските медиуми, пак, напоменуваат дека вчерашниот инцидент се случи ден откако во Северна Митровица беше уапсено лицето Милун Миленковиќ – Луне, за кого се вели дека е еден од водачите на нелегалната организација, поддржувана од Белград, позната како „Цивилна заштита“ и организатор на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција за време на неодамнешните протести на косовските Срби во Звечане. 

Треба да знаете
Последни објави