Search

Се урна планински врв во Австрија: Мразот е лепак на планините и се топи поради климатските промени

Во австриската провинција Тирол се урна голем дел од планински врв, предизвикувајќи огромен одрон. Повеќе од 100.000 кубни метри карпи паднаа во долината и предизвикаа лизгање на земјиштето. За среќа нема повредени. Во неделата почнаа да се уриваат карпи од Флухторн, планина висока речиси 3.400 метри на Алпите, на границата меѓу Швајцарија и Австрија. Геолозите тврдат дека тоа се случило поради топењето на вечниот мраз (трајно замрзната почва).

„Ова е релативно голем инцидент, зборуваме за најмалку 100.000 кубни метри срушена карпа“, рече Томас Фигл, државен геолог.

Експертите го припишуваат овој колапс на топењето на вечниот мраз. Областа на почва и карпи кои долго време се замрзнати најчесто се поврзуваат со арктичките региони, но се наоѓаат и високо во европските Алпи, пишува Си-Ен-Ен.

„Можеме да бидеме сигурни за причината за овој инцидент: вечниот мраз. Мразот е лепак на планините и се топи поради климатските промени. Тоа потоа ги предизвикува последиците што ги гледаме овде“, рече Фигл.

Како што климатските промени предизвикани од човекот ги зголемуваат глобалните температури, се губат вечните мразови и ледените плочи, а се чини дека паѓањето на карпите во овој регион ќе стане почесто.

Карпите може да предизвикаат големи проблеми за жителите кои живеат во подножјето на планините. Во мај, жителите на швајцарското село Бриенц, кое се наоѓа во близина на Давос, мораа да се евакуираат по предупредувањето дека речиси 2 милиони кубни метри карпи може да паднат врз нивните домови. Иако тоа се уште не се случило, жителите не можат да се вратат во своите домови.

Треба да знаете
Последни објави