Search

ОН: Сексистичките предрасуди се „вкоренети“, нема напредок во последните 10 години

Нема напредок во последните десет години во намалувањето на сексистичките предрасуди кои станаа „вкоренети“ во општеството и покрај кампањите за промовирање на правата на жените како што е „MeToo“, соопштија претставници на ОН.

И за мажите и за жените, „општествените норми засновани на родови стереотипи се широко распространети во светот: речиси 90 отсто од населението има барем една сексистичка предрасуда“ од седуммте кои ги истражуваше Програмата за развој при ОН (УНДП).

Овие „стереотипи се широко распространети меѓу мажите и жените, што доведува до заклучок дека тие се цврсто вкоренети и влијаат на мажите и жените во сличен степен“, се наведува во извештајот.

УНДП, користејќи податоци од Истражувањето на светските вредности (World Values Survey) – меѓународен проект за промена на вредностите и верувањата во светот, а кој опфаќа 80 земји со 85 отсто од светското население – го ажурираше својот индекс на општествени норми за полот, кој вклучува политички и економски димензии и се однесува на образованието и физичкиот интегритет.

Тој индекс не покажува „никакво подобрување на предрасудите кон жените во последните десет години“, „и покрај големите светски и национални кампањи за правата на жените“, како што е „MeToo“, посочува УНДП.

На пример, речиси половина од светската популација (49 проценти) се уште смета дека мажите се подобри политички лидери од жените, а само 27 проценти мислат дека е важно за демократијата жените да имаат исти права како и мажите.

Речиси половина од населението (46 проценти) верува дека мажите имаат поголемо право на работа и речиси исто толку (43 проценти) веруваат дека мажите се подобри директори на компании. Една четвртина од населението смета дека е во ред мажот да ја тепа својата сопруга, а 28 отсто дека на мажите им е поважна факултетската диплома.

Ваквите стереотипи се „пречка“ за жените и водат до „кршење“ на нивните права. „Ако не ги потиснеме таквите општествени норми, нема да постигнеме еднаквост меѓу мажите и жените и целите за одржлив развој“, се предупредува во извештајот. Оваа стагнација на стереотипите всушност се случува во време на опаѓање на човековиот развој воопшто и е поврзана со пандемијата на Ковид-19.

Треба да знаете
Последни објави