Search

Жена во Еквадор била прогласена за мртва, оживеала додека ја подготвувале за погребот

Болница во Еквадор ја прогласила за мртва 74-годишната Бела Монтоја откога била примена поради последици од срцев удар.

Неколку часа подоцна, семејството го отворило ковчегот и сфатило дека жената сè уште дише.

„Тоа што се случи го обработуваме малку по малку. Сега сакаме само да се подобри здравјето на мајка ми. Ја сакам жива и со мене“, рекол син ѝ Жилберт Балберан.

Жената сè уште е на одделението за интензивна нега и е под лекарски надзор, јавува „Ел универзо“.

„Мајка ми е на кислород. Нејзиното срце е стабилно. Докторот ѝ ја штипна раката и таа реагира. Ми велат дека тоа е добро бидејќи тоа значи дека таа реагира малку по малку“, рече Жилберт.

Лекарот Мартин Иказа во петокот напладне му го предаде телото на семејството бидејќи, како што тогаш тврдеа од болницата, таа починала.

„Ни дадоа дури и потврда за смртта“, изјави Жилберт, кој мораше да собира донации за да го организира погребот.

Бела останала во ковчегот од 14 до 18.30 часот кога семејството го отворило ковчегот за да го подготви телото за бдеење. Тогаш нејзиниот син и остатокот од семејството сфатиле дека жената сè уште дише.

„Мама почна да ја движи левата рака, да ги отвора очите, устата. Се бореше да дише“, рекол Жилберт Балберан.

Локалните медиуми пишуваат дека настанот ја шокирал заедницата и дека случајот треба да се истражи и санкционира бидејќи старицата можела жива да биде закопана.

Сè уште нема официјално објаснување, а за случајот не се огласија ниту од болницата ниту од Министерството за здравство, пренесува медиумот.

Треба да знаете
Последни објави