Search

Родри му донесе титула на Сити

Манчестер Сити за првпат во историјата се искачи на врвот на Европа со триумфот над Интер од 1:0 и стана 23-от клуб во историјата кој го освоил елитното натпреварување.

Иако финалето во Истанбул не го понуди огнометот од култното издание од 2005 година, моќната машина на Пеп Гвардиола го режираше идеалната одјавна шпица на брилијантна сезона и стигна до тројната круна (освојувајќи ја и Премиер лигата и ФА Купот). Во исто време, каталонскиот тренерски волшебник стана шестиот стратег во историјата кој ја освоил Лигата на шампионите со два клуба, откако двапати помина со Барселона (2009 и 2011 година).

Но, увертирата не зрачеше со оптимизам за неговиот тим. Откако Бернардо Силва во шестата минута се прикраде во шеснаесетникот на Интер и биеше поред голот, срамежливата иницијатива ја презеде италијанскиот клуб. „Опушти се, опушти се“, се читаше од усните на Гвардиола на средината на првото полувреме откако се најде од крупен кадар. Тоа беше резултат на мала конфузија што го зафати последниот ред на неговиот тим.

Одбраната на Сити на моменти не изгледаше сигурна, сепак, во напаѓачката слагалица „нероаѕурите“ немаа конкретност. Брозовиќ имаше храброст да се обиде од 20 метри, што не беше закана за Едерсон, додека Николо Барела се обиде да го искористи невниманието на бразилскиот голман, па биеше непрецизно од уште поголема далечина од хрватскиот претставник.

Во 27. минута најдобриот стрелец на оваа сезона во натпреварувањето, Ерлинг Халанд (12 гола) реши накратко да се појави на дуелот. Норвешкиот напаѓач му побегна на Алесандро Бастони, но неговиот удар од земја го неутрализираше Андре Онан. А потоа, девет минути подоцна, „ладен туш“ за англискиот клуб. Кевин Де Брујне, мозокот на тимот на Гвардиола, поради повреда го напушти натпреварот.

Кога играта почна да се разгорува во вториот дел недоразбирањата продолжија во бековската линија на Сити. Бернардо Силва со повратната топка му сервираше шанса на Лаутар Мартинез по непромислената реакција на Мануел Аканџи, сепак, Аргентинецот шутираше во Едерсон, иако имаше опција да ги проигра Брозовиќ и Лукаку, кој го замени Џеко во 66.минута.

Додека напаѓачките ѕвезди беа мирни, во 68. минута на сцена стапи „херојот од сенка“. Аканџи проигра покрај Силва, а неговата повратна топка по блокот се одби до работ на шеснаесетникот, каде Родри ја пречека како на тацна со неодбранлив шут за водство.

Предноста можеше да трае и помалку од две минути, ако Димарко успееше да реализира една од двете големи шанси во кои се најде. Италијанецот најпрвин со глава ја погоди гредата, за во вториот обид да го погоди Лукаку. Белгиецот до крајот на мечот се потруди да го засили статусот на најголем трагичар, одвојувајќи го својот тим од толку посакуваниот трофеј.

Во 88. минута имаше стопроцентна шанса, но неговиот удар со глава беше сопрен од Едерсон со одлична реакција, а таа сцена долго ќе ги прогонува навивачите на Интер. Трофејот во Лигата на шампионите по 15 години се врати во Манчестер. Сепак, за прв пат отиде во „синиот дел“ на градот …

Треба да знаете
Последни објави