Search

Свечено одбележување на Денот на воздухопловниот ВИНГ

 Со воена свеченост во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, армискиот воздухопловен ВИНГ (вВИНГ) денеска ќе го одбележи Денот на единицата.

На свеченоста е најавено присуство на заменик-министерот за одбрана Тирон Јајага, заменикот на началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во МО, Владимир Анчев, армиски генерали, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот, команданти на команди и единици на Армијата и други високи гости.

Денот на единицата, како што соопшти Министерството за одбрана, согласно програмата, ќе се одбележи со пригодни обраќања на началникот на Штабот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски и командантот на вВИНГ, полковник Игорчо Стоименовски, по што ќе следува соопштување на стимулативни мерки за припадници на вВИНГ и прелет на воздухоплови од составот на единицата.

Воздухопловниот ВИНГ го прославува 10 јуни, како датум кога во 1992 година се случил првиот лет на воен екипаж од штотуку формираното македонско Воено воздухопловство. 

Треба да знаете
Последни објави