Search

Секретарот Лојд Остин во Њу Делхи разговара за засилување на врските со Индија, како противтежа на Кина

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска во Њу Делхи разговараше со неговиот индиски колега Рајнат Синг за зајакнување на партнерството со Индија, бидејќи двете земји се соочуваат со економскиот раст и растечката воинственост на Кина, изјавија официјални лица.

Посетата на високиот американски функционер доаѓа во време кога Индија ја зајакнува својата домашна одбранбена индустрија со стекнување на нови технологии и намалување на зависноста од увоз, особено од Русија, нејзиниот најголем снабдувач на воена опрема.

Во соопштението на индиското Министерство за одбрана се наведува дека на средбата одлучиле „да се истражат можностите за заеднички развој на нови технологии и заедничко производство на постоечките и на нови системи и да се олесни соработката меѓу одбранбените системи на двете земји“. 

Двајцата соговорници, исто така, разговараа за регионалните безбедносни прашања во поглед на нивниот заеднички интерес за одржување на мирот и стабилноста во Индо-пацифичкиот регион.

-Индија сака од амриканската компанија General Atomics Aeronautical Systems да купи 18 воени беспилотни летала со поголема издржливост по цена од 1,5 до две милијарди долари, изјави воениот аналитичар Рахул Беди. Беди кажа дека  беспилотните летала најверојатно ќе бидат распоредени долж кинеско-пакистанската граница и во стратешкиот регион на Индискиот Океан.

Во твит по вчерашното пристигнување во Њу Делхи Остин кажа дека се враќа во Индија за да се сретне со клучните лидери за да разговараат за зајакнување на одбранбеното партнерство на земјата. 

-Заедно, ние ја унапредуваме заедничката визија за слободен и отворен регион, додаде тој.

Министерот Остин пристигна во Њу Делхи од Сингапур, каде присуствуваше на Шангри-Ла дијалогот, годишен форум што ги собира највисоките претставници на одбраната, дипломатите и лидерите. Остин лобираше да се поддржи визијата на Вашингтон за „слободен, отворен и безбеден Индо-Пацифик во свет на правила и закони“, како најдобар начин да се спротивстави на растечкото влијание на Кина во регионот.

Треба да знаете
Последни објави