Search

Заврши Осмиот конгрес на педијатрите: Дефицитот на кадар веќе е препознаен од властите, смета Софијанова

Во изминатиот период дефицитот на кадри иако беше нагласуван од наша страна не беше можеби препознаен. Меѓутоа откако голем процент колеги заминаа во пензија, потребата од млади кадри мислам дека веќе се препознава од страна на здравствените власти, изјави денеска претседателката на Здружението на педијатри д-р Аспазија Софијанова. 

Таа на денешната конференција по заокружувањето на четиридневниот Конгрес на педијатри изрази надеж дека младите кои во моментов се на специјализација ќе покријат дел од тој дефицит.

– Дел од кадрите кои доаѓаат на едукација, дел кои запишаа специјализација, и тоа голем процент укажува на тоа дека имаме подмладок на кој се надеваме, само треба време тој подмладок да биде поткрепен со доволно знаење. Мислам дека подмладокот полека е спремен да надокнади дел од оние дефицити за кои се зборува ама како и да е, сепак, се препозна дека иднината и она што и ние го внесуваме ќе биде надминато наскоро, оцени д-р Софијанова.

Д-р Софијанова истакна дека токму ваквите настани како Конгресот нудат знаење и ќе придонесат за побрзо пренесување на љубовта на подмладокот кон педијатријата.

Информира дека Конгресот понудил дискусии на теми од областа на неврологијата, неонатологијата, нефрологијата, развојните пореметувања кај децата, а биле и присутни експерти кои говореле за тоа какви предизвици остави Ковидот.

-Тука е и генералниот секретар на Европската академија за педијатрија, професор Мехмет Вурал со кој дебатираме на тема имунизација која гледаме дека со процентите е намалена секаде во светот, па и кај нас. Имавме можност да присуствува и претседателот на Европската академија за педијатрија, изјави Софијанова.

Мехмет изрази здоволство од настанот и го оцени како корисен за меѓусебно зближување на сите учесници.

Доктор Оливер Зафироски рече дека овогодишниот Конгрес е најуспешен досега.

-Она што е најважно и најдобро е што голем број млади доктори со овие две работилници имаа практична настава, што е од големо значење, бидјеќи знаете дека нашата педијатрија во Македонија има се помал број на педијатри и ова е еден голем предизвик за сите млади колеги да доживеат практична работа, изјави тој. 

Со практичната работилница која беше прикажана пред младите доктори од страна на нивните колеги од реномираната Европска Педијатриска Академија, заврши еден од најголемите настани на педијатрите во Македонија, која се одржува еднаш во годината. Под раководство на проф.др Есра Шефкетоглу , подржано од Европската Педијатриска Академија EAP/UNEPSA, секој учесник доби диплома призната за работа во Единица за педијатриска интензивна нега во Европа .

 Конгресот го посетија повеќе од 400 доктори, меѓу кои над 100 доктори од Европа кои до 4 јуни одржаа предавања пред своите колеги,а разменија и свои искуства и дадоа нови насоки во областа на педијатријата.  На настанот свое учество земаа доктори од Атина, Загреб, Анкара, Љублјана, Софија, Белград, Тирана, Букурешт, Сарајево ,Приштина  и други кои одржаа работни сесии.

Настанот го отвори Претседателката на Здружението на педијатрите на Македонија, Аспазија Софијанова, а пред присутните се обратија и Претседателот на Европската педијатриска академија, Адамос Панајотис, Заменик министерката за здравство, др. Маја Манолева, во име на министерот за здравство, прим. Др. Беса Поцеста, Советник за здравство на Премиерот, проф.др. Ана Данева Маркова ,   Претседателската на лекарската комора на Р. Македонија, проф.др. Калина Старделова, преставник на македонското лекарско друштво, др. Сеад Зејнел, Претседателот на српското педијатриско здружение, проф.др. Ѓорѓе Константинидис, Претседателот на косовското педијатриско здружение, проф др. Рамуш Бејчи.

На годинешниот конгрес опфатени беа повеќе области од педијатријата како: Кардиологија со ревматологија, нефрологија, неврологија со невролошки развојни нарушувања, имунологија, неонатологија со неонатална интензивна нега и грижа, сесија на експерти интер- дисциплинарен тим и осврт на ефектите од Ковид 19 пандемијата кај детската популација.

Треба да знаете
Последни објави