Search

Советниците не добија одговор дали градот е банкрот, ама за Арсовска Мицкоски, а не Ѓоковиќ е прв рекет, а Јанчева е уличарка

Во текот на вчерашниот ден се одржа триесетата седница на советот на град Скопје. Градоначалничката Данела Арсовска истакна дека во последните 18 месеци финансиската состојба на Градот е добро консолидирана, нагласувајќи дека сметките не Градот не се блокирани, додека советниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ од друга страна ја обвинуваа за финансиска нетранспарентност и бараа одговори за многу прашања поврзани со финансиската состојба на јавните претпријатија.

Арсовска во обраќањето ги спомна поранешните долгови од претходните градоначалници, за кои рече дека освен основните долгови, Градот сега должи и милионски суми како плус од каматните стапки за тие долгови. Набројувајќи неколку од долговите на поранешни градоначалници, таа праша зошто против нив не е покрената никаква иницијатива

-Милионски се сумите коишто се побаруваат, меѓутоа милионски се и каматите коишто овој град ќе треба да ги плати. Овој град во изминатите 18 месеци е во добра финансиска состојба, финансиски е консолидиран, кредитниот рејтинг ни е задржан со позитивен изглед. Имаме драстично зголемување на можноста за кредитно задолжување, од 1,2 милиони евра во ноември 2021 година, на сегашните меѓу 25 и 30 милиони евра, што е одраз на тоа дека Градот финансиски е добро консолидиран – потенцираше градоначалничката Арсовска, додавајќи дека штетата направена во изминатите децении не може да се поправи за 18 месеци.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вчера од говорницата во Советот на градот повторно се соочи со низа обвинувања и критики од страна на советниците. На ова таа возрати со директна порака до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

-Рекет број еден пред Новак Ѓоковиќ е Христијан Мицкоски. Точка, кажа Арсовска.

Од советничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Марија Андоновска, ја повика градоначалничката Арсовска на придржување на аргументите за време на дискусиите и без да упатува лични напади и навреди.

„Изигрување на жртва не поминува веќе. Тука може да дојде до израз само говорење на вистината со аргументи и факти. Ако е во право тогаш нека повели и нека излезе, но без напад, бидејќи нападите се само тогаш кога се нема аргументи“ ѝ порача Андоновска на Арсовска.

Координаторот на советничката група на коалицијата предводена од СДСМ, Љубица Јанчева, истакна дека е недозволиво Градот Скопје, како најголемата единица на локална самоуправа во земјава, да биде со блокирана сметка.

– Наместо да зборуваме за реализација на проекти, ние зборуваме зошто сметката на Град Скопје е блокирана и за тоа кој ќе ја плаќа штетата – посочи Јанчева.

Јанчева и упати и прашања на Арсовска до каде е со изградбата на проектите кои што ги наследи од претходната локална власт.

До каде е изградбата на улиците „Васко Карангелевски“ и „Есенинова“? До каде се изградбите на кружните текови кај Нова Македонија, кај Државен завод за ревизија, оној во Ѓорче Петров и оној во Аеродром?“ праша Јанчева.

Таа исто така побара одговори за тоа каква е состојбата во јавните градски претпријатија. Но наместо бараните одговори, Јанчева од Арсовска доби навреди.

„Ако сте уличарка не мора никој да ве трпи тука“ и рече Арсовска.

Советникот од редовите на СДСМ, Шутаров се пожали на нетранспарентноста на градската управа.

Крајно поразително е за советниците на Град Скопје да бидат информирани преку медиумите за прашања, кои што се од значење за Советот, за граѓаните, и за сите надлежни институции и јавни претпријатија, тоа е недопустиливо и недозволиво, порача Шутаров.

Кон крајот на годината изгласавме буџет од 100 милиони евра, а каде се парите, ако сме изгласале 100 милиони евра буџет, а имаме 2,5 % правосилна судска пресуда, значи дека на сметка немало ни 2,5 милиони евра, со колку финансии располагал градот Скопје во моментот на пристигнувањето на овие правосилни судски пресуди, запраша Шутаров.

Треба да знаете
Последни објави